Администрација на Трамп подигна ново обвинение против поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подигна нов случај против поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, обвинувајќи го за несоодветно ракување со информации поврзани со националната безбедност, според судски документи.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подигна нов случај против поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, обвинувајќи го за несоодветно ракување со информации поврзани со националната безбедност, според судски документи.

Обвинението било поднесено пред неколку недели, но беше јавно објавено дури вчера, пренесе ДПА.

Случајот е фокусиран на наводното откривање класифицирани информации на новинар. Според медиумските извештаи, Коми наводно му наложил на еден од своите помошници да му ги достави тие информации на „Њујорк тајмс“ за да се спротивстави на извештај кој сметал дека е неточен. Наводниот инцидент се случил на 5 октомври 2016 година.

Ова е третпат администрацијата на Трамп да презема правни дејствија против Коми за време на вториот претседателски мандат на Трамп.

Минатиот ноември, сојузниот суд ги отфрли обвиненијата против него, меѓу кои и она за давање лажни изјави. Судот пресуди дека обвинителот што го водеше случајот не бил законски именуван од американското Министерство за правда. Тоа обвинение следуваше по значителен притисок од Трамп врз правосудниот систем.

Коми беше именуван за директор на ФБИ во 2013 година од тогашниот претседател Барак Обама. За време на првиот мандат на Трамп, тој ги надгледуваше истрагите за руското мешање во американските претседателски избори во 2016 година и можните врски меѓу Москва и членовите на изборниот штаб на Трамп. Трамп го разреши Коми во 2017 година додека истрагите сè уште беа во тек.

Во видео објавено на платформите Сабстак (Substack) и Инстаграм, Коми го коментираше најновото обвинение велејќи: „Па, повторно се вратија“. Тој порача дека е невин и нагласи дека сè уште не се плаши од „овие луѓе“, додавајќи дека продолжува да „верува во независното федерално судство“.

Минатата година, администрацијата на Трамп исто така ја отпушти ќерката на Коми, Морин Коми, која работеше како сојузен обвинител во Министерството за правда. Таа беше вклучена во случаите против осудениот сексуален престапник Џефри Епстин и раперот Шон „Диди“ Комбс, меѓу другите.

Судија вчера пресуди дека нејзиното отпуштање било незаконско и наложи да се врати на функцијата сојузен обвинител. Морин Коми претходно изјави дека немало никаква оправданост за нејзиното отказно решение и дека единственото разумно објаснување било непријателството на Трамп кон нејзиниот татко.