„Македонска крвава свадба“ и „Тетовирање“ во Кинотека по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

Со промоција на блу-реј изданието на македонскиот игран филм „Македонска крвава свадба“ на Трајче Попов од 1967 година, кој е екранизација на истоимената драма на Војдан Чернодрински од 1900 година, денеска напладне во Кинотека ќе се одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

Филмот беше дигитализиран во 2025 година како дел од проектот „Сезона на филмски класици“ инициран и координиран од Асоцијацијата на европски кинотеки (АЦЕ) и поддржан од програмата Creative Europe MEDIA на Европската Унија.

Во оваа пригода, на публиката ќе ѝ се обратат директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски и филмолозите Александар Трајковски и  Дамјана Патчева, како промотори на изданието.

Вечер во 20 часот ќе биде прикажан и филмот „Тетовирање“, со што ќе се одбележат 35 години од премиерата на филмот и 80 години од раѓањето на актерот Мето Јовановски.

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство  е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три и пол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.