
Стоиљковиќ влегол во расправија и со Арбана Пашоли, за влакно бил избегнат поголем инцидент!
Освен со Митко Трајчулески и други пратеници на СДСМ, новиот министер за локална самоуправа и лидер на Демократската партија на Србите Иван Стоиљковиќ вчера во Собранието влегол во вербална расправија и со пратеничката од ДУИ Арбана Пашоли, при што малку недостигало кавгата да прерасне во поголем инцидент.
Освен со Митко Трајчулески и други пратеници на СДСМ, новиот министер за локална самоуправа и лидер на Демократската партија на Србите Иван Стоиљковиќ вчера во Собранието влегол во вербална расправија и со пратеничката од ДУИ Арбана Пашоли, при што малку недостигало кавгата да прерасне во поголем инцидент, јавува Фокус.
Како што сведочат повеќе пратеници кои биле присутни на лице место, еден од инцидентите во кои бил инволвиран Стоиљковиќ се случил за време на една од паузите, кога тој и рекол на Пашоли да оди да шета низ Дебар откако таа побарала тој да излезе од просторијата.
Притоа, посочуваат нашите соговорници, за влакно бил избегнат поголем инцидент, бидејќи во одбрана на Пашоли застанале нејзини сопартијци од ДУИ, меѓутоа реакцијата на останатите пратеници всушност спречила расправијата да прерасне во физичка пресметка.
„Фокус“ побара коментар од Пашоли, која вели дека во овој момент не би сакала дополнително да ја коментира вчерашната ситуација, бидејќи смета оти со дополнителни изјави би се отворил простор за нови полемики и продлабочување на тензиите.
–Верувам дека вниманието треба да биде насочено кон институционалната работа и прашањата што се од интерес за граѓаните. Денес во Собранието продолживме со амандманската расправа за ребалансот на Буџетот, а утре на дневен ред е Предлог-законот за правична застапеност. Мојот фокус е насочен кон овие прашања – рече Пашоли.
Претходно, таа на нејзиниот фејсбук-профил објави: „Се уште не го започна својот мандат како министер за локална самоуправа, Стоилковиќ уште еднаш докажа зошто е багра на оваа власт. Со своето однесување во Собранието не заслужува ни внимание, а камоли аплауз…“.
Во меѓувреме, реагираа и од ДУИ, порачувајќи дека вербалниот напад врз Пашоли е „огледало на политичкиот менталитет на Владата без етнички легитимитет“. Од таму посочуваат дека вербалниот напад на Стоилковиќ не е случаен инцидент, туку „вистински одраз на политичкиот менталитет“ на владината коалиција.
„Скандалозно е што лице со историја на отворени антиалбански изјави, кое до вчера ја извршуваше функцијата заменик-претседател на Владата задолжен за односи меѓу заедниците, денес е наградено со уште поважен министерски ресор. Ова не е промоција на меѓуетничкиот дијалог, туку промоција на политика на потценување, навреди и конфронтација“, соопштија од ДУИ.
Инаку, Фокус објави дека Стоиљковиќ влегол во вербална расправија и со пратеници од СДСМ, односно уште во пленарната сала, веднаш по прогласување на паузата, го нападнал пратеникот Трајчулески со пцости, навреди и закани, при што исто така за влакно била избегната физичка пресметка.
–После мојот говор за реконструкција на Влада, репликата на премиерот и мојата контрареплика, Стоиљковиќ директно се упати кон мене со пцости и закани за мојата фамилија. Во нормална демократска држава, лик со вакво однесување кон пратеници и кон целото Собрание не може да биде вработен во институција, а камоли министер во владата.
Но, ова зборува за ова владејачко мнозинство и начинот на кој тие планираат да владеат. Со страв и закани. Ако Мицкоски и Стоилковиќ мислат дека со закани и пцости ќе ме одвратат од критики за погрешните политики, можам да им порачам, како што вели нашиот народ – нашле грешна црква да се крстат. Ниту им се плашам, ниту ќе престанам да критикувам.
Следниот пат кога некој ќе се осмели да упатува пцости и закани кон моето семејство, ќе се соочи со нужна одбрана на честа и достоинството во која нема да избирам ниту средства, ниту методи. Доколку немаат нерви да слушаат критики, нека се повлечат од политика. Мене вчера не ми се закануваше курирот во некоја институција, туку највлијателниот министер во Владата – ни изјави Трајчулески.
Исто така, се обративме и до Стоиљковиќ со прашање дали би сакал да ја изнесе неговата перспектива на гледање, но досега не добивме коментар. Сепак, тој со реакција се јави преку неговиот официјален фејсбук-профил, каде напиша дека политичката пресметка на СДСМ и ДУИ преку грбот на Србите во Македонија и Србите воопшто, што, според него, се одвива преку него лично, добива загрижувачки размери.
„После низа небулози изнесени од ДУИ и нивните сателити од СДСМ кои кулминираа денеска при изборот на нови министри во Владата имавме можност да слушнеме фашистичка реторика речиси од сите говорници на опозицијата. Неверојатно, реконструкција на Влада, а главна тема моето досегашно, успешно учество во Владата, но и идно, не знам од што се плашат. За СДСМ спорно е учеството на ДПСМ во власта.
И за нив, по можност, исто како и за ДУИ, пожелно е Србите и да не постојат во Македонија, да ги нема никаде, како би можеле на раат да функционираат во државата која со нивните политики ја руинираа, политички, уставно, законски, институционално и на секој начин.
Јавноста и понатаму нека молчи и нека без соодветна реакција и осуда ги остави носителите на отворената омраза и ксенофобијата, кои согласно нивното дејствување малтретираат, дискриминираат, поттикнуваат и разгоруваат омраза врз основа на национална припадност (сите се кривични дела). Јас секако нема да ги оставам без реакција изливите на се позачестената со ништо непредизвикана антисрпска хистерија во општеството, чии носители се СДС и ДУИ“, порача тој.