
Стевче Јакимовски доброволно замина во затвор
Со случајот Стевчо Јакимовски судот дефинитивно се потврди како параполитичка организација, која не и служи на правдата, на законите и на Уставот, туку на политичката партија која е на власт, сметаат во ГРОМ, партијата чиј претседател е токму тој.
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски, денеска доброволно замина на издржување на преостанатиот дел од затворската казна, откако Кривичниот суд ги разгледа неговите медицински документи и ја одби жалбата за одложување по неодамнешната операција.
Судскиот процес против Јакимовски траеше повеќе од шест години, а во април минатата година тој првостепено беше осуден на три и пол години затвор за две дела, бесправно градење и злоупотреба на службената положба. Сепак, скопска апелација во јуни годинава донесе конечна одлука со која ја преиначи пресудата и го врати делот за злоупотреба на службената положба на повторно судење, но ја потврди едногодишната затворска казна за бесправното градење кое се однесува на двете времени бараки во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“. Бидејќи во казната му се пресметуваат и петте месеци поминати во куќен притвор во 2019 година, ефективното време кое Јакимовски треба да го помине зад решетки изнесува точно шест и пол месеци.
Од партијата на Јакимовски изразија длабоко разочарување укажувајќи дека поставувањето на времените објекти – бараки во кои 13 години беше сместена општинската администрација не направила никому штета, туку општината за сите тие години заштедила милион и пол евра кирија, бидејќи не плаќал закуп.
„Ова е единствениот случај во Европа кој Јакимовски ќе одлежува ефективна казна затвор за измислено кривично дело бидејќи за поставувањето на времениот објект има одлука на Совет на општина Карпош, тоа е дел од потврдена програма за работа од истиот, програма за јавни набавки и обезбедено со пари од буџет на општината. Тој бараките не ги постави за своите деца и своето семејство, туку за граѓаните на Карпош“, велат од партијата.
Според нив, со случајот Стевчо Јакимовски судот дефинитивно се потврдил како параполитичка организација, која не и служи на правдата, на законите и на Уставот, туку на политичката партија која е на власт.
„Жално е што во замолкнувањето на нашиот претседател Стевче Јакимовски, покрај Христијан Мицкоски, учествува и правосудниот систем и со ова уште еднаш пред очите на јавноста покажаа дека правдата е селективна, не важи за дивоградбашите кои граделе на државно земјиште за своја сметка без платени комуналии и заработиле милиони, туку во затвор ќе оди најнаградуваниот градоначалник не само во Република Македонија туку и пошироко. Не земајќи ја во предвид неговата здравствена состојба дека тој е онколошки неизлечен пациент, оперативниот зафат извршен пред 12 дена само ја покажува нечовечноста, нехуманоста и флагрантно кршење на човековите права. Не не’ зачудуваат политичките противници и нивната крволочност, но нека им служи на чест на сите оние од правосудниот систем кои оркестрирано во служба на власта учествуваа во замолкнувањето на Стевче Јакимовски. Воедно им благодариме на сите граѓани, знајни и незнајни кои во изминативе дваесетина дена му даваа сесрдна поддршка на претседателот Јакимовски“, пишува со партиското соопштение од ГРОМ.
Самиот Јакимовски веднаш по потврдувањето на казната излезе со жестоки обвинувања до јавноста, тврдејќи дека станува збор за класичен политички прогон мотивиран од неговите противници кои сакаат да го замолкнат бидејќи им пречи. Тој јавно го прозва премиерот Христијан Мицкоски како директен нарачател на пресудата, нагласувајќи го апсурдот што добил упатен акт за во затвор на 2 јули уште пред физички да ја прими писмената пресуда од судот.
Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг период јавно го обвинуваше Јакимовски за урбанистички хаос, злоупотреби и незаконско богатење на неговото семејство преку атрактивни градежни парцели во најелитните зони во Карпош, како Жданец и Бардовци.
Случајот доби и меѓународна димензија откако Стевче Јакимовски во март 2024 година беше официјално ставен на црната листа на САД од страна на Стејт департментот поради неговата вмешаност во значителна корупција и мешање во урбанистичкото планирање и јавните набавки.
И покрај сите судски притисоци, Јакимовски ја истурка својата последна кампања на локалните избори во ноември минатата година, каде што во исклучително неизвесна трка го загуби градоначалничкиот мандат во Карпош од противкандидатот Сотир Лукровски.