
Скопјe ќе добие голем клинички центар, веројатно кај базенот „Борис Трајковски“, најавуваат од ВМРО ДПМНЕ
„Кога зборуваме за здравството, зборуваме за нешто што директно го засега секој граѓанин. Затоа определбата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е да изградиме здравствен систем кој ќе биде модерен, функционален и достапен за сите“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Александра Николовска.
„Кога зборуваме за здравството, зборуваме за нешто што директно го засега секој граѓанин. Затоа определбата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е да изградиме здравствен систем кој ќе биде модерен, функционален и достапен за сите“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Александра Николовска.
Таа рече дека Владата затекнала, како што наведе, сериозно запуштена здравствена инфраструктура, нефункционални установи, недоволна опрема и објекти во кои со години речиси ништо не било инвестирано.
Николовска посочи дека во фокусот се реализацијата на Клиничката болница во Штип, Клиничката болница во Тетово, Здравствениот дом во Кичево со проширена дејност, како и студентскиот дом и факултетот за медицински науки.
За овие проекти, според неа, веќе бил објавен меѓународен повик за финансиери, а пристигнале и необврзувачки и индикативни понуди кои се оценети како поволни и прифатливи.
Паралелно се разгледува и изградбата на голем клинички центар во Скопје, проект кој, според Николовска, треба да биде еден од најзначајните здравствени проекти во современата историја на државата.
Како една од можните локации се разгледува просторот кај базенот „Борис Трајковски“. Станува збор за приватно земјиште, а во тек се разговори со сопственикот за можност за замена.
„Нашата визија е да изградиме ултрамодерен клинички центар кој нема да биде само за Скопје и за граѓаните на Македонија, туку ќе создаде можност за да привлекуваме пациенти и од соседните држави“, рече Николовска.
Планот, како што наведе, предвидува и топол подземен премин под булеварот „Илинденска“, кој би го поврзал новиот комплекс со постојната болница „8 Септември“.
Во целината би биле вклопени и ПЕТ-центарот и поликлиниката „Букурешт“, со што би се создал заокружен здравствен комплекс со современа инфраструктура и поврзани здравствени услуги.
Николовска се осврна и на досегашните инвестиции во здравствените установи. Во болницата „8 Септември“, како што информираше, се реконструираат оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, клиничката лабораторија и кровната конструкција.
Целосно е реконструирано и одделението за трауматологија во Старата градска болница, објект за кој Николовска рече дека со децении немало сериозна инвестиција.
Во ГАК, според неа, вложени се околу 110 милиони денари, од кои околу 35 милиони денари за реконструкција и околу 75 милиони денари за современа медицинска опрема.
Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ веќе се реконструирани шест операциони сали, а во следните неколку месеци се очекува да бидат пуштени во употреба уште четири современи операциони сали. Со тоа, како што наведе, ќе има вкупно 10 модернизирани операциони сали.
„Реновиравме повеќе од 10 здравствени објекти и клиники и набавивме современа медицинска опрема вредна неколку милиони евра“, рече Николовска.
Таа додаде дека целта е граѓаните да добијат современи здравствени установи, модерна опрема и здравствен систем подготвен за иднината.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестира денес за граѓаните да имаат подобро здравство утре“, изјави Николовска.