
Руте потврди дека САД го намалуваат учеството во кризните сили на НАТО
Намалувањето на американското учество во кризните сили на НАТО стапи во сила веднаш, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, додавајќи дека останатите сојузници веќе го зголемуваат своето учество за да ги пополнат празнините.
Намалувањето на американското учество во кризните сили на НАТО стапи во сила веднаш, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, додавајќи дека останатите сојузници веќе го зголемуваат своето учество за да ги пополнат празнините.
„Вчера се постави прашањето: дали ова важи веднаш или не? Важи веднаш“, изјави Руте пред новинарите во Брисел, воочи денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО.
Тој појасни дека станува збор за плански механизам за распоредување на силите и дека во случај на вистински конфликт сите сојузници, вклучително и САД, би ги ангажирале максималните капацитети за одбрана.
„Ако избие војна, сите сојузници ќе направат се што можат за да обезбедат успешна одбрана“, рече Руте.
Според него, намалувањето на американското учество во рамки на т.н. „NATO Force Model“ нема да ја ослаби способноста на Алијансата, бидејќи европските земји членки и Канада ќе го зголемат својот ангажман.
„NATO Force Model“ претставува систем на сили што можат да бидат активирани во случај на голема криза, како евентуален напад врз членка на Алијансата. Составот на тие сили е строго доверлив.
Руте ги посочи како невистинити одредени медиумски толкувања за намалување на американското учество, истакнувајќи дека САД остануваат целосно посветени на НАТО.
„САД јасно ставија до знаење дека остануваат посветени на Алијансата“, додаде тој.
Тој објасни дека сојузниците разбираат дека Вашингтон има безбедносни обврски на глобално ниво и дека затоа Европа и Канада треба да преземат поголем дел од товарот во конвенционалните сили, додека американското нуклеарно одвраќање останува стабилен столб на одбраната на НАТО.