Парламентарни избори на Кипар: шест партии влегуваат во Парламентот – пораст на радикалната десница
Централно – десничарската Демократски собир (ДИСИ), со 27,1 отсто од гласовите е победник на парламентарните избори на Кипар, задржувајќи го истиот број пратенички места, а во парламентот влегуваат шест партии, од кои две за првпат обезбедија влез, додека радикално – десничарската ЕЛАМ е трета политичка сила во земјата со речиси 11 проценти, јави дописничката на МИА од Атина.

Со пребројани 99 отсто од гласовите двете традиционални кипарски партии, конзервативната ДИСИ и левичарско – социјалистичката партија АКЕЛ ги задржаа првото и второто место исто како и на претходните избори во 2021 година, водечката ДИСИ доби 17 пратеници, а главната опозициска партија од овие избори излегува со зајакната поддршка (освои 23,9 отсто од гласовите) и 16 пратенички места, две повеќе од претходно.
Предвидувањата на анкетите се потврдија во однос на подемот на радикално десничарската Национален народен фронт (ЕЛАМ), која е трета политичка сила во земјата со освоени 10,9 отсто од гласовите и обезбедени седум места во Парламентот.
На четвртата позиција паѓа Демократска партија (ДИКО), додека во Парламентот влегуваат и две нови партии што добиваат по четворица пратеници: Директна демократија на 26-годишниот јутјубер, а од 2024 година и европратеник Фидиа Панајоту и партијата АЛМА на поранешниот генерален ревизор на Република Кипар Одисеас Михаилидис.
Парламентот има 56 активни места, од вкупно 80, бидејќи местата предвидени за турско-кипарската заедница остануваат празни.
На денешните парламентарни избори гласале речиси 67 отсто од граѓаните со право на глас, а изборниот процес помина без проблеми.
Кипарскиот Парламент е со ограничени овластувања со оглед на тоа што извршната власт ја има претседателот, кој е и шеф на државата и шеф на владата, но има важна улога во носењето закони, буџетот и контрола и поддршка на владините политики.