Ноќ за паматење со Шуман, Берлиоз и Лист и украинскиот пијанист Холоденко на „Охридско лето“

Украинскиот пијанист Вадим Холоденко, кој има репутација на еден од музички најдраматичните и технички најнадарените изведувачи на новата генерација пијанисти, синоќа имаше пијано-рецитал во црквата „Света Софија“ како дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.

Неговите настапи се препознаени по техничката прецизност, динамичните интерпретации и внимателното градење на музичката драматургија. Во досегашната кариера настапувал како солист и со оркестри во Европа, Северна Америка и Азија. На репертоарот на „Охридско лето“ се враќа по осум години.

-Се радувам што сум повторно на фестивалскиот репертоар. Се сеќавам и на последниот настап овде кога публиката беше многу  внимателна и беше вистинско  задоволство да се свири. Вечерва програмата  беше навистина посебна. Ја изведов  „Фантазија“ од Роберт Шуман, а потоа и „Фантастична симфонија“ од Хектор Берлиоз која иако напишана за оркестар, Франц Лист направил транскрипција за пијано  и сметам дека е навистина интересно  дело за изведување на пијано. Звучи сосема поинаку, но има своја смисла. Инаку, интересно е што самиот Шуман првпат ја слушнал  „Фантастичната симфонија“ преку транскрипцијата на Лист, а не во оркестарската верзија, рече извонредниот пијанист Холоденко.

Холоденко важи за еден од позначајните пијанисти на својата генерација, а меѓународното внимание го привлече во 2013 година, кога победи на престижниот Меѓународенпијанистички натпревар „Ван Клибурн“ во САД.

За „Хармонија Мунди“  тој ги снима концертите од Григ и Сен-Санс, комплетните концерти за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев и тие се високо оценети од магазинот „Грамофон“, се  „избор на критичарите“ од страна на „Би-би-си мјузик магазин“ и ја добиваат наградата „Златен дијапазон“. Последниот албум издаден за „Кварц мјузик“ во 2022 година со Бетовеновите „Дијабели“ варијации и делото од `Ржевски „Обединетите народи никогаш нема да бидат поразени“ е одлично примен од страна на стручната критика.

Пијанистот Холоденко е роден во Киев. Музичкото образование го започнал во Украина и го продолжил на Конзерваториумот „П.И.Чајковски“. Добитник е и на награди на повеќе меѓународни натпревари.