
Нов правилник за игрите на среќа: Ќе се проверува потеклото на средствата за приредување игри
Министерството за финансии продолжува со спроведувањето на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, со донесување на подзаконски акти кои треба да ги утврдат конкретните правила за работа во оваа област.
Министерството за финансии продолжува со спроведувањето на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, со донесување на подзаконски акти кои треба да ги утврдат конкретните правила за работа во оваа област.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека е донесен Правилникот за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа.
Со правилникот детално се определува документацијата што ќе треба да ја доставуваат правните и физичките лица кои аплицираат за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.
Меѓу критериумите што ќе се проверуваат се евентуално изречени санкции за забрана за вршење професија, казни за забрана за приредување игри на среќа, како и други околности што можат да бидат значајни за учеството на лицата во оваа индустрија.
Од Министерството посочуваат дека правилникот треба да ги претвори законските одредби во конкретни процедури и критериуми што ќе можат директно да се применуваат во пракса. Во меѓувреме, Министерството за финансии работи и на подготовка на останатите правилници потребни за целосна имплементација на новиот закон.
Новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри беше донесен на крајот на јуни годинава. Со него се воведуваат низа новини со цел поголема заштита на граѓаните, посилен надзор и поодговорно работење во индустријата на игрите на среќа.