Нето-средствата во пензиските фондови достигнаа 3,5 милијарди евра: Зошто власта предупредува на ризици во вториот столб?

Податоците на МАПАС покажуваат месечен раст на средствата со кои управуваат задолжителните пензиски фондови, во кои се акумулираат пензиските заштеди на осигурениците од вториот пензиски столб.

Нето-средствата на трите задолжителни пензиски фондови во Македонија на крајот на септември достигнале 215,1 милијарда денари, односно околу 3,5 милијарди евра, што претставува зголемување од 1,3 отсто во однос на претходниот месец.

Според податоците на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС), најголем износ на нето-средства има КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, со речиси 103,2 милијарди денари. На второ место е Сава пензиски фонд, кој управува со нето-средства во износ од 91,2 милијарди денари, додека Триглав отворен задолжителен пензиски фонд располага со 20,8 милијарди денари.

КБ Прв, исто така, има најголем број членови. На крајот на септември во овој фонд биле евидентирани 289.936 членови, во Сава пензиски фонд 267.970, а во Триглав 84.746 членови. Вкупно, во трите задолжителни пензиски фондови на крајот на септември биле евидентирани 642.652 членови.

Податоците на МАПАС покажуваат месечен раст на средствата со кои управуваат задолжителните пензиски фондови, во кои се акумулираат пензиските заштеди на осигурениците од вториот пензиски столб.

Ова се коси со ставовите на претставниците од власта кои неколку месеци наназад синхронизирано велеа дека постоењето на вториот задолжителен пензиски столб е загрозено, дека ПИОМ нема пари и дека граѓаните ќе се разочараат од тоа што ќе го видат на своите сметки, со што ги вознемирија идните пензионери кои за пет до шест години од сега ќе ги користат привилегиите на реформата од 2002 година, надградена во 2006 година.

Реакциите следеа по објавувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија за Фондот на ПИОМ, дека дел од корисниците нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки и дека пензискиот модел има катастрофални последници за ПИОМ и за македонската економија.
Овие изјави предизвикаа жестоки реакции во јавноста и покрена прашања за тоа дали некој сака да посегне по 2,9 милијарди пари од вториот пензиски столб.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) не ги префрла редовно парите во вториот пензиски фонд, иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена.

Државниот завод за ревизија откри сериозни слабости во работењето на ПИОМ. Растот на приходите не ги покрива трошоците за пензии, а повеќе од една третина од средствата доаѓаат од државниот буџет. Според извештајот, трансферите од државниот буџет учествуваат со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот, што укажува на голема зависност од државниот Буџет за редовна исплата на пензиите.

Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во Собранието, во септември 2024 беа усвоени законски измени за линеарно зголемување на пензиите, кое изнесуваше 5.000 денари за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата. Кога се носеа овие одлуки, владата не ги доведе во прашање ликвидноста на задолжителните пензиски столбови иако експертите и регулаторното тело истакнаа дека ваквото покачување ќе направи притисок врз нив за што пишуваше и „Фокус“ во септември 2024 година.

Сепак, наодите во ревизијата отвораат прашања за долгорочната одржливост на пензискиот систем, особено во услови на континуиран раст на бројот на пензионери и зголемени финансиски обврски на Фондот.

Со оглед на тоа дека повеќе од една третина од средствата во ПИОСМ доаѓаат од државниот буџет, од МАПАС побаравме одговор како тоа влијае врз пензиските столбови и дали граѓаните треба да стравуваат за своите пари.

„Факт е дека нашиот пензиски систем, како и системите во голем број европски држави, се соочува со демографски и фискални предизвици. Стареењето на населението, намалениот однос меѓу бројот на вработени и пензионери и продолжениот животен век создаваат зголемен притисок врз првиот пензиски столб, кој функционира врз принципот на меѓугенерациска солидарност.

Токму поради овие причини беше воведен повеќестолбниот пензиски систем. Вториот столб претставува механизам за диверзификација на ризикот, бидејќи дел од идната пензија зависи од индивидуално акумулираните средства и приносите од нивното инвестирање, а не исклучиво од тековните приходи на ПИОСМ.

Затоа не би било основано граѓаните да стравуваат за средствата што ги имаат во вториот столб. Напротив, капитално финансираното пензиско осигурување беше воведено токму за да придонесе кон поголема долгорочна стабилност на пензискиот систем и да го намали влијанието на неповолните демографски движења “, образложија од МАПАС.

Во однос на прогнозите дека граѓаните нема да бидат задоволни од тоа што ќе го добијат од вториот пензиски столб и дека може да останат без средствата во вториот столб од МАПАС велат:

„Средствата на членовите на вториот пензиски столб се нивна индивидуална сопственост и се евидентираат на лични сметки. Тие се законски одвоени од средствата на пензиските друштва, на ПИОСМ и на државниот буџет. Средствата се инвестираат согласно строги законски правила за диверзификација на инвестициите, ограничување на ризикот и континуирана супервизија од страна на МАПАС. Дополнително, законската рамка предвидува механизми за заштита на членовите во различни ситуации, вклучително и доколку дојде до промени кај пензиското друштво.
Како и кај сите долгорочни инвестиции, приносите можат да варираат во зависност од движењата на финансиските пазари, но тоа не значи дека средствата исчезнуваат. Напротив, долгогодишното искуство покажува дека капиталното инвестирање е наменето токму за остварување позитивни резултати на долг рок. Оттука, членовите можат да имаат доверба дека нивните средства се предмет на силна законска заштита, професионално управување и континуиран надзор“, потенцираат од Агенцијата за „Фокус“.

Во контекст на се поголемиот притисок врз издржливоста на сегашниот пензиски систем, Владата побара од Меѓународниот монетарен фонд и од Светска банка да подготват анализа на состојбата во првиот и во вториот пензиски столб, финансиската одржливост на системот и демографските притисоци како што се иселувањето и стареењето на населението.

–ММФ ја анализираше одржливоста на пензиите, како дел од своите редовни консултации по Член IV со Северна Македонија. Врз основа на оваа анализа, аналитичарите забележаа дека, без реформи, фискалните притисоци поврзани со пензиите веројатно ќе се зголемат со текот на времето. За да се зајакне долгорочната одржливост на системот, ММФ препорача параметарска реформа, која може да вклучува прилагодувања на клучните параметри, како што се правилата за индексација, возраста за пензионирање и стапките на придонеси“, одговорија од Меѓународниот монетарен фонд за „Фокус“, на прашањето како ја оценуваат состојбата со пензискиот систем и кои мерки ќе ги препорачаат до владата.

Од одговорот се гледа дека ММФ ќе препорача параметарска реформа, според која, ќе се променат возраста за пензионирање, висината на придонесите, годините на стаж и формулите за пресметка на пензиите, без да се менува основната структура на системот.

Од ММФ додаваат дека политичката одлука ќе ја донесе исклучиво власта, а тие се тука само да ги споделат своите меѓународни искуства по барање.

Преземено од Фокус