
Митинг пред 100 илјади луѓе: Ердоган ја претстави визијата на владејачката АКП за следниот четврт век
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја претстави визијата на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) за следниот четврт век, во говорот по повод одбележувањето на 25-годишнината од основањето на партијата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја претстави визијата на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) за следниот четврт век, во говорот по повод одбележувањето на 25-годишнината од основањето на партијата.
Годишнината синоќа беше одбележана со голем митинг во паркот „Милет бахчеси“ во главниот град Анкара, на кој присуствуваа повеќе од 100.000 луѓе. Говорот на Ердоган во живо го пренесуваа водечките турски телевизии.
– Почнуваме одново. Ова движење, овој тим, овие млади луѓе, нивните деца и нивните внуци ќе ја одведат Турција прво до 2053 година, а потоа до 2071 година. Јас ќе продолжам да се стремам да ѝ служам на Турција. Ќе продолжам да работам за Турција со истата љубов и страст – изјави Ердоган.
Годините што Ердоган ги спомена во говорот не се избрани случајно. Во 2053 година се навршуваат 600 години од освојувањето на Константинопол од Османлиите, а во 2071 година ќе се одбележат 1.000 години од победата на селџучките Турци над Византиската Империја во битката кај Манцикерт (Малазгирт). Турскиот претседател овие јубилеи ги споменува и како рокови за остварување на различни цели во развојот на турската држава и нација.
Тој ја претстави визијата на АКП, која, како што рече, е документ од 69 страници во кој се утврдени приоритетите на партијата за следниот четврт век.
– Со визијата што ја споделуваме денес, на 25-годишнината, ќе продолжиме да ги претвораме соништата во цели, а целите во реалност. Визијата опфаќа 10 области, меѓу кои производство со висока додадена вредност, дигитален суверенитет, судски систем, нов устав, семејна и социјална политика, положбата на жените и младите и зелената транзиција – објасни турскиот претседател и лидер на АКП.
Ердоган посебно се осврна на владината иницијатива „Турција без тероризам“, при што изјави дека земјата се движи кон решавање на проблем што повеќе од 40 години однел десетици илјади животи.
Турскиот претседател, кој 25 години е неприкосновен лидер на Партијата на правдата и развојот, спомена дека поминал 50 години во политиката и дека има намера да остане активен во неа.
– Ако Бог ми даде здравје и долг живот, ќе продолжам да ѝ служам на Турција и на својот народ со љубов уште много години – рече тој.
За време на настанот, тројца опозициски пратеници и седум градоначалници се приклучија на АКП, а Ердоган лично им ги врачи партиските значки.
АКП е основана на 14 август 2001 година, а на парламентарните избори во 2002 година стана владејачка партија, и тоа не се промени досега.