МЗШВ за сипаниците кај овците: Од Турција се обезбедени 500.000 вакцини кои се очекува да пристигнат деновиве, до ЕК е доставено барање за дополнителни количества

МЗШВ ги предупреди сточарите дека самостојното набавување и применување вакцина, на сопствен трошок и без претходно одобрение од АХВ, ќе биде санкционирано согласно важечките прописи.

Од Република Турција се обезбедени 500.000 дози вакцина против сипаници кај овците како донација, кои се очекува да пристигнат деновиве, а до Европската комисија е доставено барање за дополнителни количества, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по денешната прес-конференција на Сојузот на одгледувачи на овци и упатениот апел за преземање итни мерки против ширењето на болеста.

МЗШВ информира и дека повторно е побарана и стручна поддршка од тимот EUVET на Европската комисија. Пред примената, вакцините задолжително ќе бидат лабораториски испитани за безбедност и чистота, а вакцинирањето ќе почне по потврдувањето на резултатите, според официјален план и под контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Воедно ги предупреди сточарите дека самостојното набавување и применување вакцина, на сопствен трошок и без претходно одобрение од АХВ, ќе биде санкционирано согласно важечките прописи.

-Во таков случај, сопственикот нема да има право на компензација за заболените животни, ниту на обесштетување за животните одземени заради сузбивање и искоренување на болеста. Неконтролираната примена на вакцини може да го отежне епидемиолошкото следење, да ја намали ефикасноста на преземените мерки и да создаде дополнителен ризик за стадата. Поради тоа, вакцинирањето може да го вршат единствено овластени ветеринарни служби, според официјален план и под непосреден надзор на АХВ, наведува МЗШВ.

Според МЗШВ, експертската група при АХВ редовно се состанува, ја разгледува епидемиолошката слика и ги утврдува понатамошните мерки за ограничување на болеста.

-Во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), континуирано ја следиме епидемиолошката состојба. Министерот Борче Серафимовски и директорот на АХВ Оливер Миланов се во постојана и непосредна координација, додека надлежните служби секојдневно ги анализираат податоците од засегнатите региони, ефектите од спроведените мерки и потребата од дополнително постапување. Системот за рано откривање и сузбивање на болеста се спроведува преку ветеринарните друштва со кои АХВ има склучено договори за извршување активности од јавен интерес. По секоја пријава за сомнителен случај, официјалните ветеринари земаат крв и брисеви од животните и ги доставуваат на лабораториско испитување. Доколку се потврди присуство на вирусот, директорот на АХВ донесува решение со кое се определуваат контролните и заштитните мерки во засегнатото одгледувалиште, вклучително и евтаназија на животните и нивно нештетно отстранување со закопување на одобрена локација, наведува Министерството.

Одгледувачите денеска на прес-конференција пред Владата уште еднаш алармираа за состојбата со сипаниците кај овците и побараа итна вакцинација, како и повисоко обесштетување.