
Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, член на Друштво на писателите на Македонија и претседател на Македонско научно друштво, со поддршка на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ја претстави македонската поезија на „Свето слово“ во Бургас, соопштија од македонскиот КИЦ во Софија.
Со својот поетски настап, се наведува во соопштението на КИЦ – Софија, таа не само што го претстави сопственото творештво, туку достојно го пренесе богатството на современата македонска литература, испраќајќи силна порака за универзалната моќ на поетскиот збор да ги надминува границите и да ги зближува луѓето и културите.

-Една од најважните мисии на Македонскиот културно-информативен центар во Софија е афирмацијата на македонската култура, јазик и книжевност надвор од границите на татковината. Во таа насока, Македонскиот културно-информативен центар во Софија, континуирано дава поддршка на македонските поети и писатели кои со своето творештво ја претставуваат Македонија на меѓународни книжевни фестивали и културни манифестации во Бугарија – се вели во соопштението.
Македонските автори, додаваат оттаму, не се само учесници на овие настани, туку тие се амбасадори на македонскиот јазик, чувари на културната меморија и носители на современата македонска мисла. Нивното присуство на меѓународните книжевни сцени придонесува за поголема видливост на македонската литература, за нејзино вреднување во европски и светски рамки и за создавање нови мостови на културна соработка и разбирање.
-За Македонскиот културно-информативен центар во Софија, секој настап на македонски автор на меѓународен фестивал е повеќе од културен настан – тоа е чин на претставување на националниот духовен идентитет, можност за градење нови книжевни партнерства и потврда дека македонската литература има свое значајно место во современите европски културни текови – велат од КИЦ – Софија.
Токму затоа, додаваат оттаму, Центарот останува посветен на создавање нови можности за промоција на македонските поети и писатели, уверени дека преку нивните дела светот го запознава богатството на македонскиот јазик, длабочината на македонската духовност и живата творечка енергија на современата македонска книжевност. Секој нивни успех е успех и на македонската култура, а секој нивни стих е нов прозорец низ кој светот може да ја препознае и почувствува Македонија.