Кошта го предупреди Сараево – „БиХ мора побрзо кон ЕУ, политичарите да ги забрзаат реформите“
Пред утрешното пристигнување во Македонија, претседавачот на Европскиот совет Антонио Кошта денеска во Сараево порача дека Босна и Херцеговина е на добар европски пат, но дека домашните политичари мора значително да го забрзаат темпото на реформи за земјата да напредува кон членство во Европската Унија.

Кошта оцени дека БиХ се наоѓа на само неколку чекори од следната фаза на пристапните преговори, но дека клучен услов е усогласување на законодавството со ЕУ и усвојување на преостанатите реформски закони, особено во областа на правосудството. Тој исто така нагласи потреба од итно именување главен преговарач и спроведување на реформската агенда, со цел пристап до европските фондови за развој.
За време на политичките средби во Сараево, претставници во БиХ изнесоа различни ставови за тековната состојба на европскиот пат на земјата. Претседавачот на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ оцени дека блокадите во процесот се последица на проруската и антиевропската политика на властите во Република Српска, тврдејќи дека дел од политичките центри во регионот следат влијание од Москва наместо од Брисел.
Од друга страна, членката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ порача дека Република Српска поддржува укинување на влијанието на меѓународните институции кои, како што наведе, донесуваат одлуки наместо домашните органи, истакнувајќи дека само внатрешниот дијалог може да гарантира стабилност на Босна и Херцеговина.
Кошта по посетата на Сараево најави продолжување на турнејата низ земјите од Западен Балкан, која ќе заврши со самит во Тиват.