Клековски размислува дел од вакцинацијата против грип да се врши во аптеките

Министерството за здравство ја разгледува можноста дел од вакцините во иднина да се примаат и во аптеките, наместо исклучиво во здравствените установи. Ова го најави министерот за здравство Сашо Клековски на денешниот брифинг со новинарите, посочувајќи дека сличен модел веќе функционира во Хрватска и Словенија.

Според министерот, доколку се реализира идејата, првиот чекор би бил вакцинацијата против сезонски грип да стане достапна и во аптеките. Сепак, тој нагласи дека засега станува збор само за предлог кој допрва треба да се разгледува.

„Штом веќе го осмислиле и функционира во Хрватска и Словенија, зошто да не може и кај нас“, изјави Клековски.

Во меѓувреме, интересот за вакцинација против сезонски грип е голем. Досега се пријавиле повеќе од 70.000 граѓани, а над 10.000 веќе ја примиле вакцината.

Клековски информираше дека вакцинацијата се одвива со динамика од околу 1.700 до 2.000 лица дневно во работните денови, додека нова пратка вакцини се очекува на 13 ноември.

Според најавите, до крајот на месецот треба да пристигне и дополнителна нарачка од 30.000 дози, со што вкупно ќе бидат обезбедени 86.000 вакцини против сезонски грип.

Министерот уверува дека има доволно вакцини за сите досега пријавени граѓани и дека нема причина за загриженост во однос на снабдувањето.

Тој потсети дека најголемиот број заболени од сезонски грип вообичаено се регистрира во јануари и февруари, поради што сè уште има доволно време граѓаните да се вакцинираат пред пикот на сезоната.

На брифингот беше отворено и прашањето за недостигот од БСЖ вакцини за новороденчињата. Клековски најави дека вакцините што треба да пристигнат од Јапонија се очекуваат во рок од две недели.