
Вајц ја повика Кос да посредува за спорот меѓу Скопје и Софија: Владите да седнат и да разговараат
Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, ја повика еврокомесарката за проширување Марта Кос да вложи дипломатски напори за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, оценувајќи дека единствениот начин да се излезе од сегашниот ќор-сокак е двете влади да седнат на иста маса и да разговараат.
Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, ја повика еврокомесарката за проширување Марта Кос да вложи дипломатски напори за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, оценувајќи дека единствениот начин да се излезе од сегашниот ќор-сокак е двете влади да седнат на иста маса и да разговараат.
Вајц го упати повикот на денешниот состанок на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, на кој Кос го презентираше пакетот за проширување на Европската Унија за 2026 година.
Осврнувајќи се на билатералните прашања во процесот на проширување, Вајц ги посочи разговорите меѓу Хрватска и Црна Гора како пример за тоа како треба да се надминуваат споровите меѓу земја членка и кандидат за членство.
„Сакам да им се заблагодарам на премиерот (Андреј) Пленковиќ и на премиерот (Милојко) Спајиќ што разговараат меѓусебно, што седнаа на иста маса и што наоѓаат решенија за билатералните прашања. Бидејќи билатералните прашања во никој случај не смее да го попречуваат напредокот во процесот на пристапување, а токму вака треба да се постапува“, рече Вајц.
Според него, ова е добар пример за пристап кон билатералните прашања што бараат дијалог и во други земји, меѓу кои и Северна Македонија.
„Некои од билатералните прашања сега се на европско ниво, станува збор за вклучување на малцинствата, и во тој поглед треба да се реализираат уставните измени. Но, повторувам, единствениот начин да се излезе од тој ќор-сокак е страните да разговараат меѓусебно, односно владите на Бугарија и на Северна Македонија да седнат и да разговараат. И бидејќи знаеме дека мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, Ве молам, комесарке, да вложите напори во оваа дипломатска насока“, порача Вајц.
Претходно, еврокомесарката Марта Кос го презентираше пакетот за проширување за 2026 година, кој ги содржи извештаите на Европската комисија за десет земји кандидати за членство во ЕУ.
Во освртот за Северна Македонија, Кос посочи дека земјата покажала посветеност на реформите и на Реформската агенда, но дека сега треба да ја покаже истата одлучност за да се придвижи напред на евроинтеграцискиот пат.
Таа нагласи дека условите се јасни и дека Северна Македонија треба да ја исполни обврската за уставни измени, согласно заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.
Кос порача дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува земјата на патот кон ЕУ, со цел да се отвори првиот кластер од пристапните преговори штом бидат исполнети условите, односно откако ќе бидат усвоени уставните измени.