Владини претставници не го користат уставното име, што ги доведува во ризик добрососедските односи – пишува во Извештајот на ЕК за земјава

Европската комисија во новиот извештај укажува на непочитување на Преспанскиот договор од членови на Владата и високи функционери

Членови на Владата и високи функционери во одредени случаи не го почитуваат Преспанскиот договор, вклучително и со некористење на уставното име на државата, со што ризикуваат да влијаат врз добрососедските односи. Ова е оцена на Европската комисија содржана во Извештајот за Северна Македонија објавен денеска, во делот посветен на односите со Грција.

Комисијата констатира дека соработката со јужниот сосед продолжува, особено во економијата, инфраструктурното и енергетското поврзување, туризмот и културата. Но, истовремено ја нагласува неопходноста од доследна примена на билатералните договори.

„Спроведувањето на билатералните договори во добра верба, вклучително и Преспанскиот договор, останува од суштинско значење. Членови на Владата и високи функционери во одредени случаи не го почитуваат Договорот, вклучително и со некористење на уставното име на државата, што ризикува да влијае врз добрососедските односи“, се наведува во Извештајот.

Комисијата не наведува поединечни имиња или конкретни изјави. Забелешката, сепак, се однесува на прашање што во изминатиот период предизвика повеќе реакции од официјална Атина.

Контекст

Премиерот Христијан Мицкоски на 15 декември 2025 година, гостувајќи во „Дневникот“ на ТВ Сител, изјави ,,го вративме“ името. Како аргумент го посочи тоа што лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и други претставници на опозицијата во јавните настапи користат Македонија, без додавката „Северна“.

„Па, еве – го вративме. Па, дури и Венко, кому му беше устата полна со ‘северна’, сега користи Македонија“, рече Мицкоски.

На забелешката на новинарот дека уставното име и натаму е Република Северна Македонија, премиерот продолжи со критики за политиките на опозицијата.

Два дена подоцна, на 17 декември, реагираше грчкото Министерство за надворешни работи. Атина потсети дека уставното име е Северна Македонија и дека Преспанскиот договор е обврзувачки за двете страни, на меѓународно и на домашно ниво. Грчката страна порача дека нема да прифати обиди за менување или фалсификување на неговата содржина.

Во реакцијата, почитувањето на договорите и добрососедските односи беше поврзано со напредокот на билатералната соработка и со непреченото продолжување на европскиот пат на земјава.

Прашањето за употребата на уставното име се актуализира уште при инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во мај 2024 година, кога во усната заклетва употреби Македонија. Грчката амбасадорка тогаш ја напушти собраниската сала во знак на протест.

Сиљановска-Давкова го бранеше својот настап со слободата на изразување и нагласуваше дека потпишаната изјава го содржи актуелното име. Мицкоски, пак, пред да ја преземе премиерската функција велеше дека негово човеково право е како ќе ја нарекува сопствената држава, истовремено посочувајќи дека институционалната комуникација ќе се одвива според уставните и законските одредби.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис тогаш побара јасна обврска дека името Северна Македонија ќе се користи и во земјата и надвор од неа. Тој предупредуваше дека оспорувањето на јадрото на Преспанскиот договор може да го остави европскиот пат затворен.

ЕК бара договорите да се спроведуваат во добра верба од сите страни

Во новиот извештај Европската комисија пошироко нагласува дека постојните билатерални договори со соседните држави треба да се спроведуваат во добра верба од сите страни. Притоа, изречно ги наведува Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Покрај забелешката за уставното име, во делот за Грција се нотира и соработката на експертските комисии за историски, археолошки и образовни прашања. Комисијата ја издвојува и заедничката изјава што министрите за култура на Грција, Албанија и Северна Македонија ја потпишале во октомври 2026 година за заштита на културното и природното наследство на Преспанскиот Регион и поддршка за негово впишување на листата на УНЕСКО.

Во пошироката регионална оценка, ЕК констатира дека земјава одржува добри односи со другите држави од процесот на проширување и продолжува да учествува во регионалните иницијативи. Позитивно ја оценува и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина.

Извор: 360 Степени