Карпош подготвува богато културно лето – настапуваат „Нокаут“, Џамбазов, Дац и Александар

Богата музичка, културна и забавна програма ќе понуди годинашното издание на „Карпошово културно лето“, кое ќе се одржува во текот на август, најави градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски.

Богата музичка, културна и забавна програма ќе понуди годинашното издание на „Карпошово културно лето“, кое ќе се одржува во текот на август, најави градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски.

Во рамките на програмата, на 20 август во 11:00 часот, во холот на Општина Карпош ќе биде отворена изложба на плакати од театарски претстави на Горан Стефановски. Во неговата лична колекција се пронајдени 25 плакати од различни претстави изведувани во земјава и во странство, кои сведочат за разновидноста на неговите текстови, нивниот богат уметнички живот и значењето на неговиот опус.

Истиот ден, во 19:00 часот, во „Сити мол“ ќе биде поставена патувачката изложба „ReART“, која ќе може да се види на неколку локации во Карпош – во „Сити мол“, на платото кај Млечен и во холот на општинската зграда. Проектот се реализира во соработка со „Нула отпад“.

Свеченото отворање на „Карпошово културно лето“ ќе се одржи на плоштадот „Делфина“, со почеток во 20:00 часот. За музичкиот дел од вечерта се најавени настапи на ди-џеј, Александар Тарабунов – Тара и една од најпопуларните македонски групи „Нокаут“.

Програмата продолжува в петок, 21 август. Во 12:00 часот, во галеријата на Кинотеката ќе биде отворена изложба на Детскиот ликовен центар, која посетителите ќе можат да ја разгледаат до 31 август. Ќе бидат претставени дела на десет академски ликовни уметници, од кои осум од Македонија и двајца од Србија.

Во 12:30 часот е закажана промоцијата на книгата „Зоја“ од авторката Јоана Шишкова, додека вечерната програма на плоштадот „Делфина“ ќе започне во 19:00 часот со настап на учесниците на детскиот фестивал „Поточиња“.

Во 20:00 часот ќе настапи пензионерскиот хор „Карпош“, а еден час подоцна публиката ќе може да ужива во настапот на „Тумбао салса бенд“ со Сашо Гигов – Гиш, насловен „Џипси најт“.

Истиот ден, во дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи кино на отворено, каде што ќе биде прикажан филмот „Приказната за Силјан“.

Во продолжение на „Карпошово културно лето“ се најавени и журка на ФИНКИ, детска работилница, меѓународен фолклорен фестивал, како и евергрин-вечер со Дац и Александар.

Пред карпошани ќе настапат и Игор Џамбазов и Гуру Харе, додека за љубителите на народната музика се најавени Душко Георгиевски, Зуица Лазова и Миле Кузмановски.

Со музички настапи, изложби, филмски проекции, промоции, детски содржини и фолклор, годинашното издание носи програма наменета за различни генерации и вкусови.