
Искри на релација Тел Авив-Вашингтон: Израел се спротивставува на Америка, не трпи лекции
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац остро реагираше на критиките на американскиот амбасадор во Турција и претставникот за Сирија, Том Барак, кои го осудија неодамнешниот израелски воздушен напад врз воена база во Сирија.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац остро реагираше на критиките на американскиот амбасадор во Турција и претставникот за Сирија, Том Барак, кои го осудија неодамнешниот израелски воздушен напад врз воена база во Сирија.
Кац рече дека тврдењата на американскиот дипломат се „полни со неточности“ и директно се спротивставуваат на официјалните ставови на Вашингтон.
Кац се огласи на социјалната мрежа X, нагласувајќи дека Израел споделил разузнавачки информации со „овластени страни во Соединетите Американски Држави“ пред самиот напад. Тој додаде дека ставовите на Барак се спротивни на ставот на американскиот претседател Доналд Трамп за Голанската Висорамнина.
Тензиите избувнаа откако Израел ја бомбардираше напуштената воздухопловна база Абу Духур во северозападна Сирија, која е надвор од употреба од 2012 година. Кратко по нападот, Барак изрази „длабока загриженост“, нарекувајќи го нападот „непотребна ескалација“.
Дипломатскиот судир дополнително ескалираше по интервјуто на Барак во кое тој посочи дека овој воен потег може да биде обид за предизвикување конфликт со Турција пред општите избори во Израел, закажани за 27 октомври. Амбасадорот, исто така, ги нарече Голанските висорамнини „окупирани“, иако САД официјално ја признаа анексијата на оваа територија од страна на Израел во 2019 година.
Израелскиот министер за одбрана ја искористи можноста да одговори на критиките што доаѓаа од самиот Израел, првенствено од политичката опозиција.
„Обидот на поединци од опозицијата и дел од медиумите да ѝ дадат политички контекст на операцијата во Сирија произлегува од комбинација на незнаење, неразбирање на безбедносните интереси на Израел и постојана желба за напад врз владата, и заслужува секаква осуда“, напиша Кац.
Само неколку часа по овие реакции, Израел изврши уште еден воздушен напад во Сирија, целејќи член на милитантната група југозападно од Дамаск. Официјален Дамаск, исто така, остро го осуди овој напад, нарекувајќи го „грубо кршење“ на сирискиот суверенитет.