
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека во последните 24 часа дозволила минување на 33 брода низ Ормускиот Теснец, пренесе државната агенција Фарс.
Според соопштението, низ теснецот поминале нафтени танкери, контејнерски и други трговски бродови, откако добиле одобрение, координација и безбедносна заштита од морнарицата на Иранската револуционерна гарда. Информацијата доаѓа откако висок ирански извор за Си-ен-ен изјавил дека клучниот поморски правец е повторно отворен, но дека за безбедно минување е потребна координација со иранските власти.
Си-ен-ен наведува дека не може независно да ги потврди тврдењата на Иран, но податоците од сервисот „МаринТрафик“ покажуваат дека неколку бродови навистина поминале низ теснецот, иако сообраќајот сè уште е значително помал од периодот пред војната.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Ормускиот Теснец „ќе биде отворен“ како дел од договорот меѓу Вашингтон и Техеран, без да прецизира дали пловидбата целосно ќе се нормализира.
Во меѓувреме, иранската агенција Тасним објави дека теснецот „нема да се врати во состојбата пред војната“ и дека Техеран ќе продолжи да го спроведува својот суверенитет над Ормускиот Теснец.
Иранската државна телевизија ИРИБ тврди дека во моментов околу 240 бродови чекаат дозвола за влез во теснецот.