
Зголемена казната на 20 години затвор за Илија Панов за свирепото убиство на Сузана Серенакова
Апелациониот суд во Скопје ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство Кавадарци и ја зголеми затворската казна за Илија Панов (44), осуден за убиство на неговата вонбрачна партнерка Сузана Серенакова (52), кое се случи во јануари 2025 година во Кавадарци.
Апелациониот суд во Скопје ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство Кавадарци и ја зголеми затворската казна за Илија Панов (44), осуден за убиство на неговата вонбрачна партнерка Сузана Серенакова (52), кое се случи во јануари 2025 година во Кавадарци.
Наместо првично изречената казна од 16 години затвор, второстепениот суд одлучи таа да биде зголемена на 20 години. Одлуката ја потврдија и од кавадаречкото обвинителство.
Панов претходно, во декември 2025 година, беше прогласен за виновен од Основниот суд Кавадарци за кривично дело убиство извршено при семејно насилство. На пресудата се жалел и обвинетиот, но Апелација ја прифатила жалбата само на обвинителството и ја преиначила висината на казната.
Според обвинението, трагедијата се случила во периодот меѓу 20 и 22 јануари 2025 година, во стан на улицата „Ѓуро Салај“ во Кавадарци, каде што престојувала Сузана Серенакова. Нејзиното тело било пронајдено од нејзината ќерка.
Панов беше обвинет за убиство според член 123 од Кривичниот законик, за дело за кое е предвидена и најстрога казна – доживотен затвор.
Во текот на постапката, психијатриското вештачење покажало дека обвинетиот бил свесен за своите постапки во моментот на извршување на делото. Вештите лица утврдиле дека тој имал проблематичен развој и особини поврзани со асоцијално однесување, како и низок праг на толеранција. Воедно било констатирано дека бил регистриран како лице со проблеми со зависност.
Обвинителството тврдеше дека Панов физички ја нападнал партнерката, што довело до нејзина смрт. Според наодите од вештачењето, на телото биле утврдени повреди кои укажувале на обид за одбрана.
И покрај обвинението, Панов не го признал делото. Тој тврдел дека не е сторителот и дека во критичниот момент се наоѓал на друга локација кај пријател.
Сепак, како важен доказ во постапката била посочена ДНК анализата, при што траги од Панов биле пронајдени на облеката и под ноктите на жртвата. Според обвинителството, овие докази, заедно со останатите наоди од истрагата, биле клучни за утврдување на неговата вина.
Со новата одлука на Апелациониот суд, правосилната казна за Панов е 20 години затвор.