Електроенергетскиот систем е стабилен – велат од Министерството за енергетика

Од Министерството велат дека ја следат состојбата во регионот и во Европа, кои деновиве се соочуваат со исклучително ниски водостои на големите реки како Дунав и Рајна, што директно влијае врз производството на електрична енергија во земјите низ кои поминуваат.

Електроенергетскиот систем во Македонија е стабилен и во моментов не постојат индикации дека ниските водостои во Европа претставуваат ризик за сигурноста на домашното производство на електрична енергија – информираат денеска од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Од ресорното министерство велат дека во континуитет ја следат состојбата во регионот и во Европа, кои деновиве се соочуваат со исклучително ниски водостои на големите реки како Дунав и Рајна, што директно влијае врз производството на електрична енергија во земјите низ кои поминуваат.

„Заедно со АД ЕСМ, АД МЕПСО редовно ги следиме хидролошките параметри, расположливите резерви и прогнозите, со цел навремено да се преземат сите потребни мерки доколку условите се променат“, велат од Министерството за енергетика.

Оттаму посочуваат дека состојбата со акумулациите во моментов е стабилна, со исполнетост од околу 70 проценти, што овозможува сигурно и планирано производство на електрична енергија, како и стабилно функционирање на електроенергетскиот систем. Истовремено, додаваат од Енергетика, хидроелектраните продолжуваат да обезбедуваат и системски услуги неопходни за одржување на стабилноста на електроенергетската мрежа.

Охрабрувачки, според Министерството за енергетика, се податоците за домашното производство, според кои, во мај годинава во земјава се произведени 462 653 мегават часови електрична енергија, со што се покриени 96,5 отсто од домашната потрошувачка. Велат дека значително е зголемено производството од хидроелектраните – за 76 проценти во однос на истиот период лани, како и раст од околу 10 проценти кај ветерните електрани.

„Овие резултати се потврда дека постепената диверзификација на производните капацитети, внимателното управување со акумулациите и подобреното планирање придонесуваат за поголема отпорност на македонскиот енергетски систем во услови на сè почести климатски промени. Паралелно се инвестира во нови капацитети за производство од обновливи извори, во модернизација на електроенергетската инфраструктура, развој на батериски системи за складирање на електрична енергија, како и во проекти што ќе овозможат поголема флексибилност и побрзо прилагодување на системот во услови на климатски и пазарни промени“, посочуваат од ресорното министерство.

Покрај домашното, додаваат оттаму, значајна улога има и регионалната енергетска поврзаност. Во оваа смисла од Министерството ги посочуваат реализацијата на гасниот интерконектор со Грција и подготовката за реализација на интерконекторот со Србија. Дополнително, додаваат оттаму, со поканата земјава да се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор, ќе се овозможи поголема диверзификација и сигурност во снабдувањето со природен гас, како и посилна улога на Македонија во европската гасна мрежа.