ДУИ ја напуштија седницата на тетовскиот совет, откако ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ не дозволија имињата на улиците да бидат прва точка на дневниот ред

Четири часа и две големи паузи за координации беа потребни за усвојување на дневен ред на Советот на Општина Тетово за денешната 15. седница, чија работа ја напуштија советниците од ДУИ, иако беше прифатен нивниот предлог да има точка за преименување на 67 улици.

Четири часа и две големи паузи за координации беа потребни за усвојување на дневен ред на Советот на Општина Тетово за денешната 15. седница, чија работа ја напуштија советниците од ДУИ, иако беше прифатен нивниот предлог да има точка за преименување на 67 улици. Овој предлог, освен од ДУИ, беше изгласан и со гласовите на советниците на ,,Вреди”, додека останатите советници гласаа против и воздржано.

Советниците од ДУИ не се согласија нивниот предлог за преименување на 67 улици да биде последна, по веќе предвидените 25 точки од дневниот ред. По втората координација, тие ја напуштија седницата.

„Ја напуштаме седницата затоа што не знам колку пати побаравме нашата точка да биде прва на дневен ред. Но, колегите од ‘Вреди‘, почнувајќи од претседателот, цело време одбиваа такво нешто. Имавме три-четири пати состанок меѓу себе, пак се одлучи да не биде прва точка на дневниот ред“, изјави Берат Мурати, координатор на советничката група на ДУИ.

Алби Ќамили, советник од „Вреди“ и заменик-градоначалник, оцени дека ДУИ прави вештачки тензии за да се засени веста за почнување на работите на патот Тетово-Призрен или многу други работи кои ги прави локалната власт.

„Денеска видовме чудно однесување на советниците на ДУИ, кои во обид да направат политички театар, предложија прегласување на имињата на улиците. Откако нивното барање беше прифатено од наша страна, советниците на ДУИ ја напуштија седницата. Комисијата за преименување на улиците утре ќе има состанок, каде што ќе почне решавањето на проблемот,според сите процедури“, рече Ќамили.

ДУИ достави предлог за именување улици откако Уставниот суд на 17 јуни ја укина одлуката на Советот на Општина Тетово за преименување на улици од 2007, во време кога градоначалник беше од оваа партија.