
Државата плаќала, Мирчевски приватно летал и се возел – обвинение за екс-директорот на СОЗР
Според обвинението, предизвикана е штета во Буџетот за речиси осум милиони денари, а истовремено бесплатно користел возила од рент-а-кар компанија која добивала владини договори.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Пеце Мирчевски, кој се товари за продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и за „Фалсификување службена исправа“.
Според обвинението, предизвикана е штета во Буџетот за речиси осум милиони денари, а истовремено бесплатно користел возила од рент-а-кар компанија која добивала владини договори.
Обвинителството наведува дека во периодот од 3 јули 2021 до март 2024 година Мирчевски без законски основ потпишувал решенија и патни налози за службени патувања во странство за себе и за повеќе вработени во СОЗР. Притоа, за приватни потреби го користел владиниот авион „Лирџет 60“, а од сметката на СОЗР биле плаќани различни трошоци поврзани со патувањата, како и хотелски и угостителски услуги преку службена платежна картичка.
„Без да постои основ за упатување на службен пат надвор од земјата, за себе и за повеќемина вработени во СОЗР потпишувал решенија и патни налози за патување. За приватни потреби и без да постои основ го користел владиниот авион ‘Лирџет 60’, а при патувањата од сметката на СОЗР се вршени плаќања по разни основи“, соопшти Основното јавно обвинителство.
Со овие дејствија, според обвинението, буџетот на СОЗР бил оштетен за 2.562.139 денари.
Освен тоа, Обвинителството му става на товар уште една злоупотреба на службената положба. Според наводите, од 27 октомври 2023 до 14 јуни 2024 година не презел мерки против пилот вработен во СОЗР, иако бил информиран дека не ги исполнува потребните стандарди за управување со владиниот авион.
„Иако лично присуствувал на состанокот ‘Flight Safety Atlanta’ и бил информиран дека пилотот и со дополнителните обуки нема да ги исполни прифатливите стандарди потребни за летање со ‘Лирџет 60’, тој не го задолжил пилотот согласно Договорот за вработување да ги надомести трошоците за обуката и не го известил надлежниот сектор за да му го прекине работниот однос“, наведува Обвинителството.
Поради тоа, пилотот продолжил да прима плата како капетан-водач на воздухоплов, а според ОЈО, настанала дополнителна штета од 5.431.624 денари.
Третиот дел од обвинението се однесува на постапки за јавни набавки за изнајмување возила за превоз на делегации и за транспорт на цивилно население од Авганистан.
„Сите договори биле склучени со иста рент-а-кар фирма од Скопје, а во службените исправи – изјави за непостоење на судир на интереси, обвинетиот внел невистинити податоци дека нема приватен интерес при реализација на јавната набавка или каква било материјална или нематеријална корист. Наспроти ова, почнувајќи од периодот пред склучување на јавната набавка, за време и по престанокот на неговиот мандат, тој и неговата сопруга користеле возила без надомест од истата фирма за патувања во земјава и во странство“, соопшти Обвинителството.
Во истиот предмет била водена истрага и против сопственикот на рент-а-кар компанијата за кривичното дело „Давање поткуп“, но јавниот обвинител ја запрел постапката бидејќи, според соопштението, не биле обезбедени докази дека постоела умисла преку бесплатното користење возила да се влијае врз доделувањето на јавните набавки.
„Во овој дел истрага беше поведена и против сопственикот на правното лице за кривично дело – Давање поткуп од член 358 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик. Но, од доказите прибавени во истражната постапка јавниот обвинител не утврди дека кај него постоела умисла да издејствува поволност при одлучувањето во конкретните тендери преку давање возила без надомест на сега обвинетиот. Од тие причини јавниот обвинител за ова лице донесе Наредба за запирање на истражната постапка“, наведено е во соопштението.
Лани во февруари ОЈО отвори истрага против Мирчевски, по што Кривичниот суд му определи 30-дневен притвор. Тогаш обвинителството тврдеше дека, како директор на СОЗР, примал корист од сопственик на рент-а-кар компанија, односно дека тој и неговата сопруга бесплатно користеле возила и возач, додека истата компанија добивала договори за јавни набавки од Службата. Покрај тоа, беше осомничен и дека незаконски присвоил службени средства. Со поднесениот обвинителен предлог, правната квалификација е изменета – наместо за примање поткуп и проневера, сега се товари за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа.