Гужви на аеродромите поради новиот систем на ЕУ. „Само Европејците можат да го смислат ова“

Времето на чекање на некои од најголемите европски аеродроми се удвои ова лето по воведувањето на новиот електронски систем за контрола на границите на Европската унија, според бројките објавени од Фајненшл тајмс.

Времето на чекање на некои од најголемите европски аеродроми се удвои ова лето по воведувањето на новиот електронски систем за контрола на границите на Европската унија, според бројките објавени од Фајненшл тајмс.

На аеродромот во Франкфурт максималното време на чекање во јули достигна 120 минути, додека една година претходно беше 60 минути, покажуваат податоците на аналитичката компанија Qsensor.

Во Минхен најдолгото чекање се зголеми од 31 на 60 минути, а во Амстердам од 80 на 120 минути.

Во април, ЕУ воведе систем за влез и излез, познат како EES, според кој патниците од Обединетото Кралство и други земји надвор од ЕУ мора да се регистрираат со земање отпечатоци од прсти, фотографирање и внесување лични податоци кога влегуваат за прв пат.

Туристичкиот и воздухопловниот сектор претходно предупредија дека новиот систем може да предизвика големи одложувања бидејќи аеродромите нема да можат доволно брзо да ги обработуваат патниците.

Аеродромот во Франкфурт соопшти дека новите гранични контроли доведоа до одложување на полетувањата и други нарушувања во сообраќајот.

„Со подолготрајното време на чекање, гледаме силен пораст на вознемиреноста кај туристите од Велика Британија и Северна Америка за тоа колку долго ќе чекаат во редица“, рече основачот на Qsensor, Оливер Максфилд.

Извршниот директор на Рајанер, Мајкл О’Лири силно го критикуваше ЕЕС и рече дека регистрацијата треба да биде овозможена преку Интернет.

„Само Европејците би измислиле вакви глупости“, им рече тој на инвеститорите минатиот месец.

Тој додаде дека Рајанер доживеа сериозен метеж на приближно 15 аеродроми.

ЕЕС треба да ја зголеми безбедноста на надворешните граници на ЕУ со следење на влезовите и излезите, откривање на луѓе кои преостануваат и помага да се пронајдат лица барани од властите.

Воведувањето, сепак, беше обележано со доцнења, технички проблеми и тешкотии во опремата.

Податоците од Минхен покажуваат дека се случило подолго чекање главно за патниците кои поминувале низ рачна контрола. Автоматските ленти главно ги користат граѓаните на ЕУ, кои не мора да се регистрираат во ЕЕС.

Затоа многу аеродроми привремено исклучуваа дел од проверките, како земање отпечатоци од прсти, во најфреквентните времиња.

Таа можност треба да заврши во септември, но осум земји-членки на ЕУ и Швајцарија побараа од Европската комисија да ја продолжи.

Комисијата во моментов разговара со земјите-членки за можноста за продолжување на овие исклучоци.

Што се однесува до периодот по летото, ние сме во близок и конструктивен контакт со неколку земји членки каде што има проблеми на одредени гранични премини“, рече портпаролот на Комисијата.

Европската комисија наведува дека просечната регистрација во системот ЕЕС трае околу 70 секунди и тврди дека во повеќето случаи влијанието врз патниците надвор од ЕУ е ограничено.

Тој ги посочува и безбедносните придобивки на системот, преку кој се евидентирани 160 милиони влезови и излези од неговото лансирање.

Извршниот директор на Бритиш Ервејс, Шон Дојл, рече дека системот предизвикува проблематични ситуации на одредени аеродроми, но дека генерално не влијае значително на работењето на компанијата.

Главниот извршен директор на Изиџет, Кентон Џарвис, ги повика аеродромите кои не користат дозволени исклучоци да покажат „здрав разум“.

„Не дозволувајте луѓето да стојат таму три часа“, рече Џарвис.