
Голем успех за македонскиот филм: „Диџеј Ахмет“ и „Мајка“ номинирани за АФА-наградите
Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот регион (АФА), основана од шест регионални филмски фестивали, ги објави номинациите за овогодишните „Јадрански филмски награди (Adriatic Film Awards)“ (АФА), соопштија организаторите.
Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот регион (АФА), основана од шест регионални филмски фестивали, ги објави номинациите за овогодишните „Јадрански филмски награди (Adriatic Film Awards)“ (АФА), соопштија организаторите.
Наградите што ги доделува оваа фестивалска мрежа ги одликуваат најзначајните филмски продукции и телевизиски серии во регионот. Оваа година се доделуваат 10 филмски награди во категориите: најдобар филм, најдобар глумец и глумица во главна улога, ѕвезда во подем, најдобар режисер, сценарио и дебитантски филм; телевизиските серии се натпреваруваат за наградите за најдобра серија, најдобар актер и најдобра актерка.
За наградите се натпреваруваат филмови и серии од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Косово.
Меѓу номинираните за најдобар филм се: „Бог нема да помогне“ (Bog neće pomoći) на Хана Јушиќ, македонските остварувања „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски и „Мајка Тереза/Мајка“ на Теона Стругар Митевска, како и „Ветре, зборувај со мене“ (Vetre, pričaj sa mnom) на Стефан Ѓорѓевиќ и „Југо Флорида“ (Yugo Florida) на Владимир Тагиќ.
Во потесниот избор за наградата за најдобра женска главна улога се: Јасна Диклиќ (за филмот „Павиљон“), Мануела Мартели („Бог нема да помогне“), Нуми Рапас („Мајка“), Хана Селимовиќ („Југо Флорида“) и Дора Акан Златанова („Диџеј Ахмет“). За наградата за најдобар актер се натпреваруваат: Стефан Ѓорѓевиќ („Ветре, зборувај со мене“), Филип Ѓуриќ („Како е овде толку зелено“), Ариф Јакуп („Диџеј Ахмет“), Андрија Кузмановиќ („Југо Флорида“) и Никола Ристановски („Мајка“).
Номинирани за наградата „Ѕвезда во подем“ се: Марко Грабеж („Свадба“), Ариф Јакуп („Диџеј Ахмет“), Јана Милосављевиќ („Југо Флорида“), Ламија Салиховиќ („Комар“, „Котлина“) и Ана Марија Веселчиќ („Бог нема да помогне“). Во конкуренција за најдобар режисер се Стефан Ѓорѓевиќ, Хана Јушиќ, Теона Стругар Митевска, Владимир Тагиќ и Георги М. Унковски.
Во трката за наградата за најдобро сценарио се Стефан Ѓорѓевиќ, Хана Јушиќ, Никола Лежаиќ („Како е веќе така зелено“), Гоце Смилевски, Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска („Мајка“), како и Георги М. Унковски („Диџеј Ахмет“).
Во конкуренција за најдобар дебитантски филм се Катарина Богдановиќ – за „Кукла“, Стефан Ѓорѓевиќ („Ветере, зборувај со мене“), Естер Ивакич („Ида, која пееше така грдо“), Владимир Тагиќ („Југо Флорида“), и Георги М. Унковски („Диџеј Ахмет“).
Во конкуренција за најдобра ТВ-серија се „Комар“, „Котлина“, „Несреќата зад Железната завеса (Pošast za železno zaveso)“, „Сенки над Балканот“ и „Срам“.
Во конкуренција за најдобра женска улога во серија се Лејла Хакаловиќ („Комар“), Јана Јакоповиќ („Срам“), Нина Јанковиќ, Наташа Нинковиќ („Сенки над Балканот“) и Снежана Видовиќ („Котлина“). Во трката за најдобар актер во серија се Драган Бјелогрлиќ („Сенки над Балканот“), Борис Лер („Котлина“), Игор Скварица („Комар“), Борна Шимунек („Срам“) и Феѓа Штукан („Котлина“). Доделувањето на АФА-наградите ќе се одржи од 23 до 25 октомври во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора, каде што ќе се соберат филмски и телевизиски креатори и професионалци од целиот регион, се додава во соопштението.
Мрежата на фестивали во Јадранскиот регион ја сочинуваат Сараевскиот филмски фестивал, Филмскиот фестивал во Загреб, Фестивалот на авторски филм во Белград, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, македонскиот фестивал „Браќа Манаки“ и Љубљанскиот филмски фестивал.