Трендафилов: Не ни требаат нови формули за пресметување на сиромаштијата, туку повисоки плати

Првиот човек на ССМ – Слободан Трендафилов на својот Фејсбук профил ја искритикува дискусијата за плаќање по работен час, оценувајќи дека таа го одвлекува вниманието од ниските работнички плати во Македонија. Тој предупредува и на можноста новите модели да се искористат за заобиколување на работничките права.

Првиот човек на ССМ – Слободан Трендафилов на својот Фејсбук профил ја искритикува дискусијата за плаќање по работен час, оценувајќи дека таа го одвлекува вниманието од ниските работнички плати во Македонија. Тој предупредува и на можноста новите модели да се искористат за заобиколување на работничките права.

„Дискусијата за плаќање по работен час е обид да се сее ветер и магла и да се дефокусира јавноста од реалниот проблем, а тоа се ниските работнички плати во Македонија. Работниците не можат да живеат од пресметки, предлози и економски модели, нив им требаат повисоки плати, а не нови дискусии со кои ќе се одолговлекува решавањето на најгорливиот проблем. Зад ваквите предлози се крие и сериозна опасност, наместо да се бараат решенија за почитување на работничките права, да се отвори простор за легализирање на злоупотребите што дел од работодавачите веќе ги прават како неплаќање прекувремена работа, неплаќање на работата за празници и неправилно пресметување на додатоците на плата. Денеска, прекувремената работа се плаќа по работен час, со соодветно зголемување на платата за +135%. Токму тука е проблемот што работодавачите што не ги почитуваат законите и колективните договори се обидуваат да го заобиколат. Прво не ги плаќаат сите одработени часови, а потоа предлагаат нови модели за пресметување на платите“ вели Трендафилов.

Оценува дека „со тоа не се оштетуваат само работниците, се оштетува и државниот буџет, бидејќи непријавената и неплатената работа значи и избегнување на законските обврски. Затоа, наместо да се бараат нови начини за пресметување на работничкиот труд, институциите треба да обезбедат секој одработен час да биде евидентиран и платен, а секое прекршување на законите и колективните договори да биде санкционирано. Особено е лицемерно да се отвораат вакви дискусии кога минималната плата во Македонија изнесува околу 423 евра, додека во Србија од 1 јануари се најавува минимална плата од 600 евра, а во Црна Гора минималните плати се движат од 1.000 евра за работниците со основно образование, 1.250 евра за оние со средно и 1.450 евра за оние со високо образование“.

„Додека другите држави бараат начини како да ги зголемат примањата на работниците, кај нас се отвораат дискусии што не нудат одговор на најважното прашање, а тоа е кога македонскиот работник конечно ќе добие плата од која ќе може достоинствено да живее? Да не заборавиме дека половина од работниците во Македонија примаат плати под 600 евра, една третина се под 500 евра, а две третини се под просечната плата. На оние кои ја отвораат оваа тема и кои веќе ја промовираат и дискутираат за истата сакам да им порачам дека не ни требаат нови формули за пресметување на сиромаштијата, туку итно и значително зголемување на платите“ напиша Трендафилов.