Вицепремиерот Арбен Фетаи поднесе оставка

До премиерот Христијан Мицкоски денеска поднесе оставка заменик-претседателот на Владата за добро владеење – Арбен Фетаи. Во објава на социјални мрежи тој вели дека одлуката е донесена внимателно и со убедување дека тоа е нај правилен и најдостоинствен чекор.

До премиерот Христијан Мицкоски денеска поднесе оставка заменик-претседателот на Владата за добро владеење – Арбен Фетаи.

Во објава на социјални мрежи тој вели дека одлуката е донесена внимателно и со убедување дека тоа е нај правилен и најдостоинствен чекор.

-Денес му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење. Во изминатите две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи што имаат за цел зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото — мисија која е исто толку важна, колку што е и неблагодарна. Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но дали работев со максимална посветеност за да поставам здрави темели врз кои може понатаму да се гради? Без никаква дилема, да – наведе Фетаи.

Вели дека заминува „со крената глава и со чиста совест“.

-Им благодарам на сите што ми укажаа доверба, ме поддржаа и соработуваа со мене. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми беа поддршка и мотивација на секој чекор. Службата на јавниот интерес не завршува со функцијата. Напротив, таа продолжува секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на заедничкото добро – напиша Фетаи.