
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговараме со писателот Венко Андоновски, со пејачите Дарко Гелевски – Брејк и Пере Нокаут, како и со професорот Петар Атанасов.

„Мислам дека не сме мрднале ние многу напред во однос на „Диво месо“ и она за што говори „Диво месо“, особено на планот на растурање на семејството. Се смееме понекогаш со колегите од историја на факултетот. Тие велат „во турско имало најголем данок – десеток, а сега персоналниот ви е многу повеќе од десеток“, да не говориме и за другите даноци што ги плаќаме. Но имало и данок во крв, а јас се прашувам зарем не е данок во крв растурањето на семејствата, селењето на младите луѓе од Македонија. Така што колку и да звучи песимистички, тоа е реално. Понекогаш реализмот се израмнува со песимизам, и мислам дека во тоа „Диво месо“ на Горан Стефановски, кое јас се обидов да го рециклирам, да го преместам низ времето и се прашував како тоа би изгледало кога тој тест би се пишувал. Мислам дека тоа „Диво месо“ уште ни стои и дека не ни е решено“, вели професорот и академик Венко Андоновски.

Прашан зошто не сме мрднати од статус кво позицијата, Андоновски вели дека јасно е зошто.
„Во оваа земја идеологијата излезе вон времето. Отсекогаш државите ги воделе политичари, идеолози, лидери, но отсекогаш имале и умни луѓе околу себе. Сега некако како да се отцепи политиката од државата, како да си стана некое самостојно претпријатие за фабрикација на политички вредности.
-Главно се повторуваат празни фрази и егиди. Но никој не покажува реален интерес да се промени стварноста. Тоа едноставно си стана, како што на времето симболизмот беше самоцелна уметност, незаинтересирана за стварноста, така сега идеологијата се занимава“, смета Андоновски и додава дека интелектуалната, научна мисла е истисната бидејќи е критичка.
„Во психологијата на оние кои сакаат да владеат е всадено чувството на нарцизам. И тоа не говорам само за сега, отсекогаш било така, Меѓутоа постоело механизми кои тој нарцизам го ставале во некои нормални рамки. Не постои владетел кој не сакал да биде фален и да се прави некаква имагологија од неговата појава и фигура, меѓутоа отсекогаш имало и спротивни мислења, имало и критичка интелигенција, имало и дисиденти. А сега дојде еден момент во која како веќе да не е потребно ни знаење, ни совет, ни стручен совет од интелигенција.
-Се е политички диригирано од врвот и ние знаеме дека тоа доаѓа и од геополитичката ситуација“, смета Андоновски.

„’Дента кога направив 45′ е и асоцијација, потсетување на минатото, на ‘лудите млади години’ и навестување на иднината. И двете работи се опфаќаат. Значи и иднината и она што сме го поминале. Тоа е текст којшто го проаѓа човекот за 45 години, оној период којшто поминува низ сите можни проблематики и созревање на животот“, изјави во „Трилинг“, Никола Перевски – Пере, говорејќи за заедничката песна со Дарко Гелев – Брејк „Дента кога направив 45“.
Прашан на што го асоцира 1 мај, и каде најмногу се пронаоѓа, во бизнисот, песната… Брејк вели дека 1 мај е ден на работниците, а најмногу се пронаоѓа од онаму каде што дента срцето го носи.
„Плановите ми се секогаш темелни. Плановите како и во секој бизнис мора да бидат издржани. Музиката ми е голем дел од мојот живот, затоа и бизнисите ми се во голем дел комплементарни на таа музика со која се бавам, но сакам и некакви авантури, затоа што ако човек почувствува дека е способен и може, има енергија, има добра екипа, каква што имам, јас сум горд што стои зад мене и сите мои луди идеи“, вели Брејк и додава дека бизнисот за него е нешто мора да се работи.

После 30 години со Нокаут на македонската музичка сцена, каде имало и подеми и падови, се менуваа и состави, Пере вели дека 30 години како 30 минути му поминале.
„Поминаа како на сон. Јас не го мерам времето во години, го мерам времето во песни коишто допринесуваат во самото општество, да ги спои луѓето, да влезе песната во срце, во чувствата кај луѓето. Така што секој човек тоа го доживува, па посебно за 30 години кариера.
-Нормални се тие работи, меѓутоа да бидеме континуирани е некако тешка задача за нас уметниците, посебно во една ваква мала држава кај што е многу мал пазарот, но се бориме храбро“, вели Пере.

Осврнувајќи се на песната „Во бестрага“, Брејк вели дека на секој човек и на дневна база му доаѓа да каже „во бестрага“, и додава дека му се допаѓа што умот на Игор Џамбазов се преточи во песната на Пере и излезе страшно добар материјал, во кој што јас сум дел од таа песна.
„Таа безвременска. Сега скоро бев на еден ивент, каде што Тарабунов доаѓа и ми вели, „сега ќе ја испееме безвременската „Во бестрага“, и тоа стварно ме радува. Убаво е да оставиш добар материјал позади себе. Да те памтат по убаво. Јас велам – по 100 години нас ќе не нема, песните ќе останат, спотовите ќе останат. Затоа треба да се трудиме тој видео материјал што подобар, поубав да биде и некои правнуци мои ќе седнат и ќе кажат „еве го дедо ми“, вели Брејк.

Прашани двајцата кои им се најтешките удари кои ги доживеале во животот, Пере вели дека доживеалл многу „нокаути“ во животот.
„Најтешкиот нокаут, тоа се емотивни моменти, е на мајка ми одјавата од овој живот. А постои и кога ќе ти забијат „нож во грб“. Јас бидејќи сум уметник многу ги примам работите при срце. Така што како и да е, сме поминале и добро и лошо за овие 30 години Нокаут кариера, и мислам дека јачината кај човекот е да останеш присебен, и да ги издржиш сите удари. И покрај секој нокаут повторно да станеш и повторно да влезеш во рингот“, вели Пере.
„Смртта на близок е најтешкото нешто што можеш да го доживееш, бидејќи нема враќање назад“, додава Брејк.

Прашан колку денеска се заработува од радијата, Брејк вели дека сите од тие три радија, каде што тој е главен кормилар, имаат фантастични тимови.
„Има луѓе од кои јас буквално зависам, затоа што бизнисот без нив нема да биде таков каков што е, а фала му на Бога е добар. Ние со широки раце ги пречекавме новите медиуми, новите платформи. Од првиот ден самите медиуми си имаат свои платформи, имаат социјални мрежи свои и се дел од целата приказна. Правиш чуда некогаш за да стигнеш до пари. Тешко е, но не велам само за радијата. За да стигнеш до финансиите осум круга ќе завртиш за да дојдат парите и да ги поделиш на вработените. Кај нас во Македонија е тежок секој бизнис, затоа што сме мал пазар, недоволно моќен. Јас молам Бога да дојде денот кога ние ќе се споиме барем малку со ЕУ. Автоматски пазарот сериозно се зголемува“, вели Брејк.

„Просечниот производ или она што излегува како резултат од повеќе нивоа, особено во пониските нивоа, се должи на еден подолг негативен тренд кој трае подолго време. Анализите се многубројни, но отприлика знаеме што се случува. Истражувањето кое ние го направивме, а веќе во јавноста е промовирано, зборува за уште едно ниво на можеби алармираност за квалитетот на основното образование, а тоа е што во основното образование, според сите стандарди, не треба да има толку големи нивоа и разлики помеѓу училиштата, општините, каде одите во училиште, во кој град учите, но ова истражување покажа две негативни страни на основното образование, особено она што го испитувавме во четврто и осмо одделение.
-Постојат големи разлики во резултатот што го прават учениците, дури и во урбаните средини и особено оној податок што излезе од излезе од истражувањето што ние го направивме минатата година, постои голема разлика во квалитет помеѓу учениците од четврто и од осмо одделение. Тоа значи дека кога овие ученици од четврто одделение ќе стигнат во осмо одделение, ќе бидат уште послаби од оние ученици што се денес осмо одделение.
-Значи тој надолен тренд, тој гап или тој јаз и понатаму ќе се продлабочува. Ова го покажа и ова истражување, но и сите други истражувања не бегаат од таа тема, особено они порелевантните, меѓународните тестирања кои се прецизни, кои точно одредуваат дека ние имаме слаб систем на образование, кој прави просечен производ. И онаа реченица која што остана од пред неколку години од анализите на ОЕЦД после една ПИСА тестирање, дека во голем број, процент, нашите ученици се функционално неписмени“, изјави во „Трилинг“, проф. д-р Петар Атанасов говорејќи за алармантните податоци за неписменост кај младите.

Прашан зошто ја губиме битката со квалитетното образование, Атанасов вели дека „ако зборуваме за ова ниво на образование, после овие два-три месеци анализа на ова што го добивме, а добивме голем број на тестови – 1288 примерок на ученици од четврто и осмо одделение, мое длабоко убедување е, гледајќи ги многу пати овие бројки, споредувајќи ги, дека квалитетот во образованието, барем во основното училиште или одговорноста за паѓање на квалитетот во основното училиште се наоѓа во училиштето“.
Говорејќи за податоците на Државниот завод за статистика во однос на намалувањето на бројот на основци во училиштата и континуираниот пад, односно се помалку се запишуваат и дали тоа аналогно говори и дека квалитет опаѓа, професорот вели дека секоја генерација си носи свои плусови или минуси, и додава дека се случуваат два процеса.
„Првиот процес е на некоја општествена селекција кадешто имаме иселување, брејн дрејн и тн., но втората е дека колку што ви опаѓа процесот генерално и просекот на резултатите во образованието, секоја наредна генерација е послаба и послаба, особено таму каде не се работи доволно. Тоа е нешто што не може да краток рок да се превенира или да се спречи. Кога денес би започнале многу од училиштата да си работат својата работа, ние барем после еден циклус ќе можеме да кажеме дека нешто е мрднато, нешто подобро се случува. Доколку остане истото, не е добро.

Осврнувајќи се на фактот дека високото образование секогаш имало клучна улога во општествениот и економскиот развој на земјата, и ако се вратиме наназад, дали може да дојдеме до заклучокот дека ние немаме светла иднина, немаме генерација која може да не поведе како држава, исто така имајќи предвид дека имаме перманентен тренд на иселување, особено кај најмладите, професорот вели дека секоја политика во современите држави, секоја влада сака да има влијание во високото образование, независно од кои причини кои побуди, и е интерес тој сооднос меѓу оние што владеат, политиките, ресурсите што се одвојуваат за тоа и резултатот што се прави.
„Може да се влијае и позитивно, може да се стимулираат некои процеси, но мора да јакне оној т.н приватен или реален сектор. Не може владата и општеството и она што е државен капитал, да ги води 90% од сите процеси во државата. Тука мислам и на бизнисот со кој има одреден сооднос политиката и приватниот бизнис. Тука е и високото образование, но во одредени периоди имаме примери каде што образованието повлекло нанапред. Можам да ви посочам неколку примери на неколку држави, особено на оние од источниот блок, кои за кратко време, од 10-20 години транзиција успеаја да го подобрат образованието, да вложат во истражување и развој, но и да направат добра економска платформа за да го подобрат живеењето. Видете една Чешка што направи, видете една Полска. Словенија ни е најсвеж пример.
-Значи има многу сегменти каде што високото образование, особено истражувањето и развојот, но и севкупно економскиот напредок може да влијае и врз подобри стартни позиции, и на бизнисот, и на образованието, и на науката“, вели Атанасов.

Говорејќи за тоа дека пред неколку години се фалевме дека имаме евтина работна сила, па така ги привлекувавме странските инвестиции, а за денес да се доведеме дека на пазарот на труд ни недостига квалификуван кадар и дали всушност ние создаваме млади професионалци за надвор, а притоа да не направиме обиди да ги задржиме, Атанасов вели дека треба да се изнајде и да се обезбеди простор како да се создаде квалитетна работна сила која не може евтино да ја купите.
„Предолго траеше период каде што нудевме евтина работна сила за странски инвестиции. Сега одеднаш нема работна сила и се соочуваме со ист проблем како неколку држави од регионот и пошироко, каде што недостасува работна сила за обични процеси во бизнисот, во претпријатијата. Балансот помеѓу понудата и побарувачката не е моја специјалност, но ги читаме тие анализи. Она што се бара се продаваа, она што се нуди е можеби поевтино од тоа што треба да се плати поскапо и поквалитетно, но тие процеси се отворени, и мислам дека границите не се тука причина или бариера.
-Луѓето ќе одат таму каде што им се обезбедува подобро работно место, каде што повеќе ќе ги платат, каде што нивното семејство или нивните блиски ќе имаат повеќе шанси за напредок во повеќе аспекти“, смета професорот Петар Атанасов.
Магазинот „Трилинг“ погледнете го во видеото.