Бугарски медиуми објавија видео од палењето на автомобилите пред амбасадата во Скопје

Маж се приближува до двата автомобила, истура запалива течност врз нив и си заминува без да трча. Мажот што ги палеше двата дипломатски автомобила на бугарската амбасада во Скопјe не е вознемирен и со апсолутна смиреност го извршува инцидентот, додека полицијата не презема ништо – стои во описот на видео снимките кои денеска ги презентираше бугарската агенција БГНЕС.

Од медиумот од соседната земја велат „човекот се приближува до двата автомобила, ги истура со запалива течност и си заминува, без дури и да трча. Како што е познато, пред бугарската мисија има вработени во македонското Министерство за внатрешни работи, дури и по избувнувањето на пожарот, како што може да се види од фотографиите, нема никаква реакција од нивна страна. Спроти нашата амбасада е една од регионалните противпожарни служби, но екипа на противпожарната бригада пристигнува на местото на настанот дури откако нашите дипломати лично ги гаснат пламените јазици на изгорените автомобили“.

Инаку, од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија најостро го осудија денешниот инцидент во кој биле опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, оценувајќи дека станува збор за сериозен и неприфатлив чин.

Од таму велат дека МВР веќе презема мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.