
Министерот за здравство ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска се обрати на трибина посветена на органодарителство, во организација на Владата, Министерството за здравство и Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, во рамки на националната кампања за подигнување на свесноста за органодарителството и трансплантацијата.
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска се обрати на трибина посветена на органодарителство, во организација на Владата, Министерството за здравство и Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, во рамки на националната кампања за подигнување на свесноста за органодарителството и трансплантацијата.
„Денес најдлабоката благодарност ја упатуваме до семејствата на органодарителите. Во момент на неизмерна лична загуба, нивните одлуки спасиле други животи. Затоа, органодарителството не смее да биде тема за која првпат разговараме во болничките ходници. За него мора да зборуваме порано, во семејствата, образовните институции, меѓу лекарите и пациентите, отворено, одговорно и без предрасуди. Министерството за здравство, заедно со националната координаторка и трансплантациските тимови, во само два месеца, во рамки на националната кампања „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, сними и објави повеќе од дваесет видеа. Пред јавноста застанаа хирурзи, специјалисти, медицински сестри и членови на тимовите – секој со својата хумана страна на својата професија. Во наредниот период, кон оваа кампања се приклучуваат и граѓански здруженија од оваа област со свои пораки за поддршка на органодарителството“, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Тој додаде дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување веќе е во финална владина постапка.
Со законските измени, секој полнолетен граѓанин при посета на својот матичен лекар ќе треба да се произнесе дали сака или не сака по смртта да биде органодарител.
Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој термин“, и тоа безбедно и со двојна верификација, при што секој ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука.
Воедно, министерот Алиу потенцираше дека кога системот ќе започне со примена, ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител.