1. Вовед.
Судирот помеѓу јавната обвинителка во јавното обвинителство за организиран криминал и корупција (ЈООКК), Вилма Русковска и ВД директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми од судир меѓу две институции за примена на законот прерасна во внатрешен судир во јавното обвинителство и предизвика голем интерес кај јавноста, особено по очајничкиот повик на обвинителката Русковска до меѓународниот фактор, покажувајќи дека системот на казнена правда го допрел дното и бара целосно ресетирање со темелни реформи.
Сė започна со поведувањето постапка (предистрага) и фамозниот претрес на Управата за финансиска полиција за наводни злоупореби (се зборува дека Финансиската полиција самата поднесувала анонимни пријави со цел да отвори постапки против лица со проблематични намери).
2. Пропусти на ЈООКК при претресот и во постапката
По преставка на ВД директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми РЈО Јовевски нашол неколку пропусти од кои некои ги посочува како битни, па така, прво утврдил дека обвинителот што го водел случајот не бил надлежен. Имено, од не така одамна, според ЗЈО надлежноста за кривични дела на припадниците на т.н. правосудна полиција (каде се вбројува и ФП) ги води посебно специјализирано оделение. Идејата за специјализирано обвинителство беше сосема друга, мотивирана од непостапувањето на обвинителите во случаите на полициска тортура, по низата предмети изгубени заради неефикасни истраги пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за што сме пишувале. Ова одделение секако се наоѓа во обвинителството на Русковска. Тешко дека може да се каже дека ова е некаков сериозен процесен пропуст или злоупотреба. Впрочем во ЗКП и не е предвидено обвинетиот да се жали на (хоризонтална) ненадлежност на обвинителот, туку само на судската (не)надлежност. Јавното обвинителство (ЈО) според Уставот на РСМ е единствен орган и сė што ќе преземе било кој обвинител се смета како преземено од ЈО во целина. Од друга страна, Законот за јавното обвинителство (ЗЈО) традиционално допушта повисокиот обвинител случајот да го преземе самиот или да го довери на друг јавен обвинител (т.н. авокација и делегација). За волја на вистината, ваквата можност во случаите на ЈООКК согласно ЗЈО е многу ограничена. Второ, Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески (РЈО) нашол дека претресот не бил основан, што е малку чудно како забелешка што доаѓа од самото обвинителство. Впрочем, нормално е обвинителството да бара мерки за обезбедување на докази ако е убедено дека постои кривично дело, а на судот е да го одобри претресот (наредбата е впрочем судска!) само ако е убеден дека има основ за криминал и ако поверува дека ќе се најдат докази за кривичното дело. Во случајот судот издал таква наредба и одговорноста ја носи истиот, иако никој досега не го прозвал ниту повикал на одговорност. Русковска (и нејзините обвинители) можеби направиле некаков пропуст што не се потрудиле повеќе околу аргументацијата за потребата на претресот- ако „тераме мак на конец “- но за волја на вистината, леснотијата на одобрување на мерките со кои се зафаќа во човековите права од страна на судот се наша стара болка и за жал секојдневна практика! Ова не значи дека ние ја одобруваме истата и за тоа сме пишувале многу пати. Кога би верувале дека РЈО е голем вљубеник во фер процедурите можеби би поверувале дека тој во еден момент се разбудил и решил да стане голем поборник за правата на обвинетите, но да бидеме реални, не сме ние таква среќа. На социјалните мрежи со право се посочува и тоа дека права адреса на која треба да се обрати лице на кое му се повредени правата според чл. 290 од Законот за кривичната постапка е судот. Точно е дека во случајот имаме своевиден конфликт на интереси со тоа што истиот суд веќе еднаш го одобрил претресот, но се заборава дека ситуацијата post festum е различна, што на судот му дава една друга перспектива и повеќе информации, па не е исклучено истиот или друг судија да донесат и поинаква одлука. Сė на сė, тешко дека би можело да се каже дека во конкретниот случај се работи за некакви сериозни пропусти или злоупотреби кои би биле повод за дисциплинска или кривична одговорност на обвинителките. Тоа нė доведува до тоа да се сомневаме дека во конфликтот имаат замешано прсти политиката и(или) други центри на моќ. Сето ова, се разбира, е наше мислење согласно информациите достапни во јавноста, а дали надлежните органи знаат нешто повеќе не може да знаеме.
3. Заклучок и препораки
Јавноста знае дека наша препорака беше обвинителките и директорот на некој начин да се суспендираат со цел случајот со сомневањата за Финансиската полиција да се расчисти и да добие професионална процесна завршница. Ова навистина и се случи но многу драматично, со дисциплински и кривични постапки со што вината однапред се префрла врз обвинителките од ЈООКК, што практично влијае врз постапката против директорот Арафат Муареми и евентулно други од Финансиската полиција.
Русковска направи три грешки, првата – процесната видовме е вообичаена и за неа никој досега не одговарал. За ова треба да одлучи суд а Државниот обвинител можел да издаде некакво упатство во иднина да се избегнуваат вакви практики на штета на човековите права. Втората, посериозна повреда, се чини беше непромислениот и очајнички повик до странските амбасади и ЕУ. Сериозен обвинител, ако не може да се справи со корупцијата во власта, треба едноставно да си даде оставка. Вака останува еден лош впечаток за системот, дека тој се распаѓа, но тоа впрочем и не е ништо ново. Третата, најсериозна „грешка“ на Вилма Русковска е што згазила врз нечија нога каде што не требало. Јас барем така мислам, а верувам истото го чувствува и јавноста. И оттаму сета оваа лакрдија, братоубиствена војна, прогласи, дисциплински постапки…
Ако постапката против ВД директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми навистина е толку загрозена од злоупотреби и непрофесионалност, тогаш РЈО треба истата да ја сопре како злоупотреба на постапката (Аbuse of Process) и да се отвори нова страна во концептот за фер судење пред нашите судови. Во таков случај, одговорност треба да се бара и од судијата што го наредил претресот.
Јовески има и друг проблем, одземањето на предмет на ЈООКК согласно чл. 29 од ЗЈО е многу ограничено, и можно само по согласност на Русковска и тоа заради одолговлекување на постапката, а не и во случаи на непрофесионалност, нестручност и сл. како кај другите обвинителства.
Рака на срце, од Советот на јавните обвинители не очекуваме принципиелно да го разреши судирот, зошто така не учи минатото. Принципиелен став не може да очекуваме ниту од Владата, која согласно чл. 52 од ЗКП инаку е надлежна за споровите помеѓу ЈО и правосудната полиција, бидејќи е очигледно дека истиот е политички обоен.
А на правна држава сепак ќе почекаме. Дотогаш, прво треба да добиеме главен државен обвинител што нема да го поставува Владата (партијата на власт) и судии кои правата на човекот ќе ги земат сериозно, без да прифаќаат сė што од нив го бараат обвинителството или полицијата. Но, за тоа потоа.