
Kамерен концерт „Musica Sacra Barocca“ во рамки на „Скопско лето“
На програмата на 47. издание на фестивалот „Скопско лето“, вечер со почеток во 20:30 часот во Католичката катедрална парохија „Пресвето срце исусово“, ќе се одржи камерен концерт насловен „Musica Sacra Barocca“. Изведувачи се Дубровничкиот гудачки квартет – Слободан Бегиќ – виолина, Кармен Бегиќ – виолина, Ива Нодило – виолончело, Анте Блажевиќ – оргули, а солисти се Ања Папа Перановиќ – сопран и Берислав Јерковиќ – баритон, соопштија денеска од Дирекцијата за култура и уметност.
На програмата на 47. издание на фестивалот „Скопско лето“, вечер со почеток во 20:30 часот во Католичката катедрална парохија „Пресвето срце исусово“, ќе се одржи камерен концерт насловен „Musica Sacra Barocca“. Изведувачи се Дубровничкиот гудачки квартет – Слободан Бегиќ – виолина, Кармен Бегиќ – виолина, Ива Нодило – виолончело, Анте Блажевиќ – оргули, а солисти се Ања Папа Перановиќ – сопран и Берислав Јерковиќ – баритон, соопштија денеска од Дирекцијата за култура и уметност.
– Opera Pannonica Ансамблот во концертот „Musica Sacra Barocca“ го претставува раскошниот свет на барокната духовна музика преку кантатите на Јохан Себастијан Бах. Во овие дела, Бах спојува длабока духовност, виртуозна музичка архитектура и исклучителна емоционална сила, создавајќи музика која и денес подеднакво силно го допира слушателот. Публиката ја очекува вечер исполнета со префинет звук, богати вокални партии и впечатливи инструментални бои карактеристични за барокниот период. Интерпретацијата на Opera Pannonica Ансамблот го оживува автентичниот дух на епохата, но, истовремено ја доближува универзалната убавина на музиката на Бах до современиот слушател. „Musica Sacra Barocca“ претставува покана за музичко патување низ медитација, свеченост и возвишена убавина на барокниот музички израз – пишува во соопштението.
Opera Pannonica е музички ансамбл од Осиек, основан во 2010 година, кој обединува музички уметници од градот Осиек, професори од Академијата за уметност и култура, како и бројни гостински уметници од Хрватска и странство – Србија, Унгарија, Грција, Босна и Херцеговина, Словенија, Јужна Африка, Соединетите Американски Држави, Италија, Германија, Израел, Швајцарија, Канада и други.
– Покрај оперските изведби, ансамблот редовно реализира концертни програми и богат репертоар на сакрална и вокално-инструментална музика – кантати, ораториуми, пасии, миси и камерни вокални програми. Меѓу најзначајните оперски наслови се издвојуваат „Дидона и Енеј“ (Purcell), „Никола Шубиќ Зрињски“ (Zajc), „Gianni Schicchi“ и „La Bohème“ (Puccini), оперетата „Лилјакот“ (Strauss Jr.), како и „Così fan tutte“, „Свадбата на Фигаро“ и „Don Giovanni“ (Mozart), како и „Љубовен напиток“ (Donizetti). Ансамблот негува и концертна изведувачка практика преку интерпретации на барокни и класични кантати, ораториски дела и духовна музика, вклучувајќи програми посветени на делата на Јохан Себастијан Бах, Георг Фридрих Хендл и други великани на вокално-инструменталната литература – се додава во соопштението.
Opera Pannonica остварува соработка со бројни домашни и меѓународни институции и уметници, меѓу кои Академијата за уметности во Нови Сад, Факултетот за музика и визуелни уметности во Печуј, Академијата за музика во Љубљана и Westminster Choir College Princeton (САД). Ансамблот соработувал со диригентите Симон Петер Дешпаљ, Balázs Kocsár и Андреј Бурсаќ, како и со низа истакнати вокални солисти.
– Досега ансамблот гостувал во Печуј, Сараево, Белград, Сегедин, Аман, Скопје, Битола, Дубровник, Котор, Сплит, Хвар и други градови, настапувајќи во реномирани концертни сали и на меѓународни фестивали како „Hvarsko ljeto“, „Osječko ljeto kulture“, „Sarajevska zima“, „Jerash Festival“, „KotorArt“, „Скопско лето“ и „Festival Bled“. Во полн состав ансамблот брои дваесетина вокални солисти, хор и оркестар, и со своето дејствување континуирано придонесува кон развојот на оперската, концертната и сакралната музичка сцена во Хрватска и регионот. Уметнички раководител на ансамблот е проф. д-р Берислав Јерковиќ – се додава во соопштението.
Влезот за концертот е слободен.