Талат Џафери за во четврток ја закажа седницата на Собранието на која треба да се гласа доверба на Владата. Вчера иницијатива со потпис од 61 пратеник поднесоа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алијанса на Албанците и Алтератива, Беса и партијата Левица.
Спикерот Џафери, како што потврдија од неговиот кабинет, вчера го повикал актуелниот премиер Зоран Заев за лично да го информира за иницијативата за гласање доверба на Владата.
„Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање доверба на Влада, а седницата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток, на 11 ноември 2021, во 11.00 часот. Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“ – наведоа од Кабинетот на Талат Џафери.
Засега е неизвесно колку пратеници ќе гласаат за недоверба на Владата откако еден од нив – Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива изјави дека ако Левица остане на списокот, тој нема да бидам дел од него и нема да го поддржи гласањето.
За во Законодавниот дом да се изгласа недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно 61 пратеник да гласа за тој предлог од вкупно 120 народни избраници.
Доколку на Владата и биде изгласана недоверба, премиерот Зоран Заев е должен во рок од 24 часада поднесе оставка.