Касами: Водачите на ОВК беа осудени врз основа на докази од Белград

Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, изјави дека не се согласува со пресудата на Специјализираните совети во Хаг за четворицата поранешни лидери на ОВК, а изнесе и тврдење дека дел од доказите во постапката биле обезбедени преку Белград.

Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, изјави дека не се согласува со пресудата на Специјализираните совети во Хаг за четворицата поранешни лидери на ОВК, а изнесе и тврдење дека дел од доказите во постапката биле обезбедени преку Белград.

Касами денеска ги коментираше и изјавите на министерот за правда Јетон Шасивари, кој посочи дека постапката сè уште не е правосилно завршена и дека обвинетите, од правен аспект, се сметаат за невини додека пресудата не стане правосилна.

Според Касами, изјавите на Шасивари треба да се гледаат од аспект на неговата професија како правник и универзитетски професор, додека политичкиот став на ВЛЕН, како што рече, е дека не се согласуваат со првостепената одлука на судот.

Касами изрази сомнежи и за начинот на кој биле обезбедени дел од доказите во постапката. Тој тврди дека доказите добиени преку Белград не треба да бидат земени предвид, оценувајќи дека нивното прибирање е спорно.

Тој изрази очекување дека пресудата ќе биде преиспитана во жалбената постапка.

Специјализираните совети во Хаг на 16 септември ја изрекоа првостепената пресуда за Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими. Тачи и Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Весели на 18, а Сељими на 13 години. Пресудите не се правосилни и постои можност за жалба.

Касами и претходно реагираше на пресудата, наведувајќи дека ВЛЕН очекува таа да биде преиспитана во втор степен.

На новинарско прашање, Касами се осврна и на можноста за предвремени парламентарни избори во Северна Македонија. Тој рече дека ВЛЕН не бара предвремено гласање, бидејќи како дел од владината коалиција е фокусиран на реализација на програмата со која настапил пред граѓаните.

Сепак, според него, коалицијата е подготвена за избори доколку тие бидат распишани.

„За предвремени избори ние како ВЛЕН сме подготвени утре да се објават, но како дел од владината коалиција и како дел од локалната власт сме во реализација на програмата, тоа што сме го нуделе на граѓаните, така што ние не бараме предвремени избори“, изјави Касами.

Тој изрази уверување дека ВЛЕН би остварил добар резултат доколку се одржат предвремени парламентарни избори.