
Комитетот за заштита на новинарите бара од Србија безбедни услови за медиумите пред изборите на 25 октомври
Меѓународниот Комитет за заштита на новинарите (КЗН) ги повика српските власти да ја гарантираат безбедноста на новинарите кои ќе известуваат од предвремените парламентарни избори на 25 октомври, предупредувајќи на зголемениот број закани, насилство и непријателство кон медиумите.
Меѓународниот Комитет за заштита на новинарите (КЗН) ги повика српските власти да ја гарантираат безбедноста на новинарите кои ќе известуваат од предвремените парламентарни избори на 25 октомври, предупредувајќи на зголемениот број закани, насилство и непријателство кон медиумите.
„Новинарите кои известуваат за изборите се изложени на сериозен ризик од закани, насилство и непријателство, кои стануваат сè почести за време на владеењето на претседателот Александар Вучиќ“, соопшти организацијата, повикувајќи ја српската влада да обезбеди услови новинарите да работат „безбедно и без страв“.
Организацијата упати апел и до европските партнери на Србија внимателно да ја следат ситуацијата, да инсистираат Белград да обезбеди почитување на владеењето на правото и јавно да реагираат при какво било кршење на слободата на медиумите.
Според КЗН, меѓународна мисија во март годинава документирала зголемено полициско насилство, кампањи за дискредитирање на новинари поттикнувани од претставници на власта, континуирана неказнивост, како и правни и дигитални закани. Организацијата ги посочува и напорите на владејачката партија да ја зајакне контролата врз медиумите.
Претставникот на КЗН за Европа, Атила Монг, ја опиша ситуацијата со новинарите во Србија како „загрижувачка“, истакнувајќи дека условите дополнително се влошуваат во пресрет на изборите. Тој укажа на бројните пријави за напади врз новинари за време на митинзи и политички настани, како и на зголеменото непријателство на интернет.
Како конкретен пример од КЗН ја посочија новинарката на регионалната телевизија Н1, Даница Вучениќ, која во јуни добила писмо со закани по нејзиниот и по животот на нејзиното семејство. Таа изјави дека редовно ги пријавува заканите кај властите, но без никаков резултат.
На изборите закажани за 25 октомври, владејачката Српска напредна партија на Вучиќ ќе се соочи со младинското движење кое стои зад речиси двегодишните протести по трагедијата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога при пад на настрешницата загинаа 16 лица.
Со цел надминување на состојбите, КЗН им препорача на властите јавно да и наредат на полицијата да ги заштитува новинарите, брзо да реагираат на заканите, остро да го осудат насилството и да гарантираат непречен пристап на медиумите до сите изборни кандидати.