„Политиките на СДСМ се катастрофални. Неколку кризи се позади нас и моментално живееме во услови на криза. Во претходната ковид криза последни бевме по добивањето на вакцини. Најпрвин започнавме со проблеми со тестирањето за да на крај последни завршиме со процесот на вакцинација. Сега гледаме и со енергетската криза иако ги предупредувавме дека ќе се случи. Можам да заклучам дека и тука покажаа некадарност и неспособност која е најголема во Европа“. Ова денеска го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
Прашан дали има пари во буџетот за да се реализираат антикризните економски мерки, за кои ВМРО-ДПМНЕ бара да бидат поопфатни Мицкоски посочи дека, пари има ако не се краде од страна на функционерите на власта.
„Сме го кажале тоа, има пари ако не се краде, а бидејќи се пљачкаат граѓаните, се пљачка буџетот, пари нема, нормално. Доколку не се пљачка, доколку не се краде, пари ќе има. Еве и ова ново задолжување што го најавуваат од 600 милиони евра, тоа ќе бидат повторно покривање на непродуктивните трошоци. Сега да не ги редам, сме ги соопштиле тие како партија на прес конференции кои се министерства имаат непродуктивни трошоци. Доколку тие непродуктивни трошоци, тие непродуктивни трошења, односно таа пљачка и тој криминал се прекине, односно не се случи, тогаш пари ќе има“ – истакна Мицкоски.
Додаде дека, пари ќе има и за повисоки плати, но и за повисоки пензии, односно за 20% покачување на пензиите, пари кои што последните три и пол години, власта предводена од СДСМ им ги одземала.
„Ќе има и за повисоки пензии, тоа што го предлагаме 20 % повисоки пензии, бидејќи таква е нашата пресметка од моментот кога се смени законското решение за покачување два пати годишно на пензиите според растот на трошоците на живот и растот на просечната плата, до сега воведување повторно на оној стар концепт кој што го нарекоа некој швајцарски концепт, не знам кој ги насамарил така прописно. Но, суштината е дека изминативе три и пол години, власта на пензионерите им одзема 20-тина проценти од нивните пензии, затоа ни побаравме да имаме зголемување на пензиите од дваесетина проценти. Практично на луѓето да им го вратат тоа што им го потрошија“ – рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека во државава имаме политичари што голтари влегуваат во политика, а излегуваат милионери и милијардери, кои после тоа отвораат дури и фондации.
Единствено нешто што власта се одважи и ја послуша опозицијата, е тоа што го продолжи рокот за намаленото ДДВ од 5% на сметките за електрична енергија, од 30 јуни до 31 декември, но сепак додава Мицкоски, тоа нема да спречи после 30 јуни да имаме нов ценовен шок.