Претседателот на Украина – Володимир Зеленски им порача на Русите дека телата на нивните војници лежат на боиштата во Украина.
„Во жариштата на особено тешките борби, првите линии на нашата одбрана се преплавени со трупови на руски војници“, рече Зеленски во видео порака рано утрово.
Повтори дека 14.000 Руси се убиени во инвазијата на неговата земја.
„И тие трупови, тие тела никој не ги зема“ – рече тој.
Зеленски вели дека може да разбере дека Русија има речиси бескрајни резерви на војници и воена опрема.
„Но, би сакал да знам што мислат граѓаните на Русија – што се случи со вас што не ги забележувате вашите загуби? Тоа се 14.000 мајки, 14.000 татковци, сопруги, деца, роднини, пријатели – а вие не забележувате“ – рече Зеленски.
Од друга страна, пак, официјална Москва потврди дека досега имаат околу 500 жртви меѓу своите сили.