Агим Чеку – екс-министерот на Безбедносните сили на Косово вели дека, во актуелната безбедносна ситуација во светот, предизвикана од руската агресија врз Украина, може да дојде до зачленување на Косово во НАТО по забрзани процедури. Тој во интервју за РТВ21 изјави дека членството во Северноатлантската алијанса е цврста стратешка ориентација на Косово и дека условите за тоа се исполнети.
„Што се однесува до исполнувањето на стандардите, на техничките критериуми, ние тоа веќе сме го постигнале“ – изјави Чеку.
Приемот на Косово во НАТО со забрзани процедури, вели тој, би претставувало исклучок од правилата на Алијансата, меѓутоа во актуелната ситуација може реално да се очекува.
„Многу работи денес одат со забрзани процедури. На пример, за да купи Украина контигент оружје редовните процедури траат со години. И ФСК има договорено купување оружје, но тоа се очекува да стаса по две-три години. Но денес гледаме како некој донесува одлука по скратена процедура и утредента оружјето е во Украина. Кога е во прашање безбедноста, тогаш сé оди со скратена процедура и сé е можно“ – изјави Чеку.