Пругата Белград – Нови Сад кoja e дел од меѓународната пруга Белград – Будимпешта денеска беше пуштена за сообраќај, а во првиот брз воз „Сокол“ на таа релација кој пристигна во Нови Сад за 33 минути, се наоѓаа српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Возот на оваа делница ќе сообраќа со максимална брзина од 200 километри на час, според возниот ред треба да сообраќа 5 пати дневно. Цената на билетот во промотивниот период ќе биде 300 динари (2,5 евра) во еден правец.
Делницата меѓу Белград и Нови Сад од околу 75 километри е дел од идната брза пруга до Будимпешта, и таа е дел од кинеската глобална иницијатива „Појас и пат“ за инфраструктурни врски меѓу Европа и Азија.
Вучиќ истакна дека отворањето на делот од брзата пруга е голема работа за двете земји.
„Секогаш можеме да сметаме на пријателството на Унгарија. Ова е одлична работа, за еден час и осум минути ќе бидеме во Суботица. Во Будимпешта ќе стигнеме за помалку од три часа. Тоа е голема работа за нашата економија. Многумина ќе дојдат од Будимпешта да го посетат Белград. Забележуваме раст на трговската размена“ – рече Вучиќ.
Орбан, пак, изјави дека сега може да се види, со оглед на моменталната ситуација во Украина, дека изградбата на оваа траса е правилен потег на унгарските и српските власти.
„Во нашите срца е војната што може да се види во историјата на унгарските граници, а тоа е најлошото сценарио и најдобрата војна е онаа што може да се избегне. Сега кога светот стана неизвесен, мораме повторно добро да размислиме за многу работи, Србите и Унгарците мора да ревидираат многу работи“ – изјави Орбан.