Премиерот на Косово – Албин Курти вели дека рускиот претседател Владимир Путин може војната што ја води во Украина да ја прошири и на други простори, при што голема опасност од отворање ново жариште му се заканува на Западен Балкан.
Тој на прес-конференција со австрискиот канцелар Карл Нехамер оцени дека, и покрај тоа што Косово и регионот се загрозени, „народот е обединет и сојузништвата со Западот, САД и НАТО остануваат нераскинливи“.
Рускиот претседател, според Курти, не сака да преговара со украинскиот претседател Зеленски, туку со претседателот на САД – Џо Бајден.
„За таа цел, јас стравувам дека (Путин) ќе ја интензивира војната во Украина, но и ќе ја прошири на други места, бидејќи не може да седне на преговарачка маса само со војната во Украина. Западен Балкан е во опасност, иако тука веќе се води хибридна војна. Во Ниш (Србија) се наоѓа таканаречниот Хуманитарен центар на Русија, кој е преполн со руски агенти. Меѓутоа, ние сме загрижени, но не и исплашени“ – рече Курти.