Обвинителство на Бугарија: Борисов е приведен поради наводни уцени!
Бугарските обвинители денеска официјално соопштија дека полицијата го приведе поранешниот премиер Бојко Борисов (62) како дел од истрагата за наводни уцени што датираат од 2014 до 2019 година.
Долгогодишното владеење на Борисов заврши минатата пролет, кога тој ги загуби изборите кои го покажаа народниот гнев поради корупцијата на високо ниво во најсиромашната земја-членка на Европската унија.
Поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и советничката за медиуми на ГЕРБ, Севдалина Арнаудова, исто така беа приведени синоќа, се вели во соопштението на обвинителството.
Министерството за внатрешни работи синоќа соопшти дека апсењата биле дел од операцијата поврзана со околу 120 истраги на Канцеларијата на Европското јавно обвинителство (ЕППО), кое истражува измами од големи размери со средства на ЕУ, во Бугарија.
Градските обвинители на Софија денеска ќе треба да одлучат дали ќе го продолжат притворот на Борисов на 72 часа или ќе го ослободат, откако ќе ги испитаат деталите од истрагата.