„Србија да одлучи во која насока ќе оди“
Стјуарт Пич – британскиот пратеник за Западен Балкан денеска изјави дека Србија е една од ретките земји кои не воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, но го поздрави фактот што официјален Белград се приклучи кон осудата на Русија во ОН. Британскиот пратеник кажа дека „Белград треба да ја избере позицијата“.
Пич за „Хина“ порача дека британската Влада го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за, како што наведе, „дијалогот меѓу тие две земји“.
Тој кажа дека Србија веќе осум години води пристапни преговори со ЕУ, но со спроведувањето на реформите за приближување до Унијата, клучни ќе бидат односите на Белград со Приштина.
Посочи дека Британија ги охрабрува сите влади во регионот на евроатлантскиот пат и патот кон ЕУ, бидејќи „мислиме дека тоа им дава најдобра надеж на луѓето во регионот за подобра иднина, ослободена од војна“.
„Почитуваме ако земјите од регионот не сакаат да влезат во НАТО, но оние кои сакаат треба да ја добијат таа можност“ – изјави Пич.