„Војната во Украина е перверзна злоупотреба на власта во име на нечии интереси, поради што беспомошните луѓе се подложени на брутално насилство“. Ова е ставот на папата Франциск за руско-украинската војна.
„Перверзната злоупотреба на моќ му се заканува на човештвото“ – изјави денеска папата Франциск во порака за Конференцијата во Братислава „Европски католички социјални денови“.
„Потресниот плач за помош од нашите браќа Украинци нè наведува да плачеме со нив и да дејствуваме за нив, да ја споделиме болката на народот кој е ранет во својот идентитет, историја и традиција. Крвта и солзите на децата, страдањата на мажите и жените кои ја бранат својата земја или бегаат од бомбите, ја потресуваат нашата совест“ – рече поглаварот на Римокатоличката црква.
Папата на Конференцијата кажа дека „дивјаштвото ги убива нашите браќа“.
„Навикнати сме да добиваме вести од далечни војни: Сирија, Јемен. Отрпнавме. Сега војната се приближи, таа е практично во нашите домови и тоа нè тера да размислуваме за дивјаштвото на човечката природа, степенот на нашата способност да убиваме, убијците на нашите браќа“, порача папата.