Претседателот на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ изјави дека Владата во земјата, со прекинувањето на седницата поради кавга на премиерот Здравко Кривокапиќ и шефот на дипломатијата Ѓорѓе Радуловиќ по однос воведувањето на санкции против Русија, само продолжува да го урива меѓународниот углед на Црна Гора.
„Оваа Влада продолжува да ја срамоти нашата држава. Таа не е во состојба да постигне согласност по прашање што е мошне поважно од политиката. Ова е прашање на морален став на секој поединец, така и на оние луѓе во Владата, да осудат нешто што му се случува на пријателски народ“ – изјави Ѓукановиќ.
Официјална Подгорица се придружи кон санкциите на ЕУ против Москва, но не ги донесе одлуките потребни за тоа да се спроведе.
Од Владата официјално беше соопштено дека седницата била прекината поради несогласување во процедурата на донесувањето на одлуката за примена на санкциите, но не дека тоа е поради непримерно однесување на Радуловиќ кон премиерот.