Врховниот суд ја уважи жалбата за притворот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој од Шутка оди во домашен притвор. На одлуката претходеше јавната седница во Врховниот суд. Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка и од декември е во притвор во Шутка.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија од Врховниот суд.
Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ по седницата рече дека се уште нема докази против Ѓорчевски, а осомничениот не може да се даде во бегство бидејќи пасошот повеќе не му е важечки и дека соработува со обвинителството во истрагата за убиството на неговата ќерка.
Со Ѓорчевски во Шутка бил извршен службен разговор при што тој му дал пристап на обвинителството до неговиот телефон, кој сега е на вештачење.
„Побарани се пасвордот и некои други информации во врска со техничките уреди, лаптопи, телефони и итн. Сето тоа име дадено на службените лица во мое присуство. На лице место е проверено. Телефоните се деактивирани и во овој момент јас немам информација до каде е таа постапка“, изјави Туфегџиќ.
Обвинителот Наум Пановски побара да се одбие жалбата и порача дека обвинителството останува во целост на наводите во предлогот за притвор кои се изнесени во решението.
Се уште се чека на екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, првосомничен за грабнувањето и двојното убиство на Вања и на велешанецот Панче Жежовски. Според исказите на останатите осомничени, Палевски им кажал дека информациите за тоа кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом и дека ќе биде сама му ги дал Ѓорчевски.