Од тројцата актуелни градоначалници кои се кандидираа за претседател на државата само двајца добија најголем број гласови во општините каде се градоначалници – Максим Димитриевски во Куманово и Арбен Таравари во Гостивар, а Стевчо Јакимовски во Карпош освои само 6 проценти од гласовите.
Во општина Куманово најмногу гласови освои Максим Димитриевски 14.286, по него, следи Гордана Силјановска Давкова со 11.982 гласови, Бујар Османи со 6.203, Стево Пендаровски со 7.399, Арбен Таравари со 4.325, Билјана Ванковска со 1.814 и Стевчо Јакимовски со 238.
Градоначалникот на Гостивар и кандидат за претседател на Коалицијата Вреди, Арбен Таравари во општина Гостивар освои 9 895 гласа, само 75 повеќе од кандидатот на ДУИ – Бујар Османи, кој доби 9.820 гласа.
Во општина Гостивар Гордана Силјановска Давкова освои 5.580 гласови, Стево Пендаровски 2.464 гласа, Максим Димитриевски 709 гласови, Билјана Ванковска 302 и Стевчо Јакимовски – 70.
Градоначалникот на Карпош и претседателски кандидат на ГРОМ – Стевчо Јакимовски освои 2.143 од гласовите во оваа општина, каде дури четворица кандидати за претседател имаат повеќе гласови од него, меѓу кои Ванковска со 3.089 гласа и Димитриевски со 3.974.
Најмногу гласови во општина Карпош има Гордана Силјановска Давкова – 14.482, по што следи Стево Пендаровски – 9.130.