Остварлива е 1.100 евра просечна плата до 2028, па дури и порано, вели Деспотовски
“Најновиот извештај на Светската банка констатираше дека Македонија има највисоко ниво на раст на реалната плата и на продуктивноста од сите шест земји од регионот на Западен Балкан. Тоа е потврда на политиките за кои се залагаме и ги практикуваме во последниве седум години, а тоа е зголемување на платите за нашите сограѓани,” посочи Јован Деспотовски директор на ТИРЗ во дебата на јавниот сервис МТВ. Деспотовски додаде дека само во Технолошко индустриските развојни зони во овој период има речиси за три пати зголемување на бројот на работни места споредено со 2016, како и двојно зголемени плати, кои последниве три години се над националниот просек.
“Јас сум се определил лично да не посветувам внимание на хартија и пишување стратегии туку да посветиме внимание на реалната ситуација. И ако сме си земале за приоритет дека ни е потребен поголем број на работни места и подобро платени работни места сакам тоа да го испорачам. И затоа можам да ви кажам чесно дека од 2017 до 2023 имаме во Зоните близу 12.000 нови работни места и скоро двоен раст на платите. Во 2017 сме имале некаде околу 20.000 нето плата, сега имаме над 40.000 просечна нето плата. Така што сакам со тие бројки да зборувам, бидејќи тие се конкретните ефекти коишто оваа Влада односно секоја влада треба да ги испорача кон граѓаните, посочи Деспотовски.
Според Деспотовски проекциите за зголемен раст на платите и просечна плата од 1100 евра е реално остварлива, а тоа се базира на досегашните резултати и учинок.
„Ветувањата се базираат на тоа што сме го оствариле до сега. Ако пред 4 години сме ветиле дека платата ќе биде 500 евра, а сега сме го надминале тоа и сме на ниво од 650 евра, тоа значи дека имаме учинок врз база на кој можеме да кажеме дека можеме да продолжиме со овој тренд и понатаму. Бројките не се ставени случајно, и тие се реални и остварливи. Остварлива е 1100 евра просечна плата до 2028, па дури и порано. Не се работи само да ветите нешто туку и да покажете дека можете да го релизирате. А ние во делот на економијата покажавме дека она што сме го ветиле сме го реализирале и надминале,” дециден е Деспотовски.
Тој смета дека “како одговорни политичари и политички партии мораме да им кажеме на луѓето што треба да очекуваат од нас и заради тоа е чесно да излеземе и да кажеме дека до 2028 година она што ќе биде непосреден ефект за граѓаните е 1100 евра просечна плата, 600 евра минимална плата. Само така може да го измерат нашиот учинок. Преку тоа колку пари ќе им влезат во џебот, и колку може да купат со нив.”
Според Деспотовски најважно да имате зацртани цели и реализација, а не времето да се троши на пишување документи како стратегии.
„Стратегија ако зборуваме како подготовка на пишан документ може да се прави. Но често овде пишувањата на стратегии и промени на законите се користат од политичарите и носителите на јавни функции како изговор да не работат ништо. Ние во меѓувреме може да седнеме да пишуваме стратегија или да ги измениме законите, но тоа е работа која не засега нас, не ги засега граѓаните. Заради тоа е добро кога сакаме да направиме отчет пред граѓаните, не да им кажеме колку пати сме имале седници, колку пати сме дискутирале и какви заклучоци сме донеле, туку што е она што е практична придобивка за нив. А практичната придобивка се работните места и зголемени плати,” рече Деспотовски.