Вархеи: Преговарачката рамка со С. Македонија нема да се промени

Проширувањето на Европската унија треба да се заснова на јасни принципи, земајќи ги предвид сопствените заслуги на секоја земја во процесот на интеграција. Усогласеноста со овој принцип е гаранција за одржување на стабилноста и безбедноста во Европа.

Ова го истакна претседателот на Бугарија, Румен Радев на средбата со комесарот за проширување и соседска политика на Европската унија, Оливер Вархеи, кој е во работна посета на источниот сосед.

„Европската интеграција на Западен Балкан нема алтернатива и напредокот на земјите од регионот не треба да падне надвор од фокусот на европските институции“, посочи Радев.

Тој изрази благодарност за плодниот дијалог и напорите на комесарот Вархеи за развој на процесот на европска интеграција.

Двајцата разговараа за перспективите на процесот на проширување и во Западен Балкан и во Украина, Молдавија и Грузија. Констатирајќи ги разликите во геополитичкиот контекст во кој се наоѓаат поединечните земји-кандидатки, двајцата истакнаа дека пристапувањето на секоја земја во ЕУ се заснова на сопствените заслуги врз основа на исполнувањето на јасни и недвосмислени критериуми и услови кои им се добро познати на сите земји.

Радев изрази очекување дека по завршувањето на изборната кампања во С. Македонија и одржувањето на изборите, политичката ситуација во земјава ќе овозможи целосно спроведување на европската одлука од јули 2022 година, која е неизбежен елемент на патот на Скопје кон ЕУ.

„Изјавите на водечките политички фигури во РСМ, дадени за време на кампањата од провокативен карактер, не помагаат да се зајакне дијалогот меѓу нашите две земји“, нагласи шефот на бугарската држава.

Инаку, Вархеи за агенцијата БГНЕС изјави дека преговарачката рамка со С. Македонија нема да се промени, иако има најави од македонски политичари дека може да дојде до такво нешто.

Критериумите за членство на Северна Македонија во ЕУ се многу јасни. Не очекувам некаква промена на Рамката за преговори. Не мислам дека земјите-членки сакаат да ги ревидираат условите.

Ова го изјави Оливер Вархеи кој на прашањето дали постои некаква можност за промена на условите што требаше да ги исполни Македонија, еврокомесарот одговори:

„Критериумите се многу јасни од 2022 година, кога беше усвоена Рамката за преговори. Тие мора да се исполнат и во оваа смисла не очекувам некаква промена. Не мислам дека земјите-членки ќе сакаат да ревидираат некој од условите. Јасно е дека тие мора да се исполнат“.