Ќе се гласа и со неважечки документи, собранието ги изгласа измените на изборниот законик

На изборите што претстојат избирачите ќе може да гласаат со лична карта или патна исправа чијашто важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.

Собранието ова попладне на 147 седница по скратена постапка со 84 гласови за и 2 воздржани без расправа го изгласа Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, чија цел, како што претходно образложи пратеникот Мартин Костовски, е да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите на 24 април и 8 мај.

Инаку во прашање беа околу 100 илјади граѓани кои имаат неважечки документи за лична идентификација или пак нивните документи се со старото уставно име.